Хутите повторно ja нападнаа Саудиска Арабија, додека преговорите за Ормускиот теснец се во застој

Хутите повторно ja нападнаа Саудиска Арабија, додека преговорите за Ормускиот теснец се во застој

Јеменските Хути, кои се поврзани со Иран, започнаа нов бран напади врз Саудиска Арабија и ги утврдуваа своите позиции на западниот брег на Јемен, долж Црвеното Море, соопштија јеменски претставници, додека во Ријад се водеа итни разговори за тоа како да се одговори на нивното брзо напредување.
Во меѓувреме, арапските земји од Заливот ги одложија планираните разговори со Иран, што предизвика загриженост дека конфликтот на Блискиот Исток би можел дополнително да се прошири и да го загрози глобалното снабдување со нафта.

Хутите соопштија дека истрелале десетици ракети и беспилотни летала кон воена воздухопловна база во Хамис Мушаит, во јужниот дел на Саудиска Арабија, гаѓајќи хангари за авиони, радарски системи, писти и складишта за муниција, како одмазда за саудиските воздушни напади во Јемен.
Саудиските власти издадоа предупредувања за вонредна состојба таму и во три други јужни градови. Тринаесет цивили беа ранети во нападите на Хутите, соопшти коалицијата предводена од Саудиска Арабија во Јемен.

Напредувањето на Хутите во последните денови, вклучително и заземањето на островот Перим на влезот во Црвеното Море, изврши дополнителен притисок врз саудискиот извоз на нафта, откако еден воздушен напад во четвртокот го онеспособи саудискиот нафтовод што се протега од исток кон запад. Ријад за нападот врз нафтоводот ги обвини милициите во Ирак поддржани од Иран.
Саудиска Арабија го изгради нафтоводот долг 1.200 километри низ својата територија, од Заливот до Црвеното Море, во 1980-тите години, со цел да го заобиколи теснецот Хормуз кога тој беше загрозен за време на војната меѓу Иран и Ирак.

Трговците изјавија дека долготрајното прекинување на работата на саудискиот нафтовод би можело да го прекине снабдувањето со дури 4% од светската нафта, доколку теснецот биде во голема мера блокиран. Ријад не соопшти кога би можело да продолжи работењето.

Како одговор на офанзивата на Хутите, саудиските и јеменските воздухопловни сили ги засилија воздушните напади врз цели на Хутите, вклучително и околу историското пристаниште Мока на Црвеното Море, но Хутите задржаа ефективна контрола врз речиси целиот западен брег на земјата долж Црвеното Море, изјавија претставници на меѓународно признатата влада на Јемен.

„Хутите се под силен притисок. Тие, пак, вршат сè поголем притисок врз Саудијците, интензивирајќи ја својата кампања на ракетни напади и напади со беспилотни летала“, изјави еден од јеменските претставници. Цените на суровата нафта пораснаа за повеќе од 4% во понеделникот, пред да се стабилизираат на ниво повисоко за околу 1%.

Обновениот конфликт во Јемен претставува уште еден предизвик за американскиот претседател Доналд Трамп.Три извори изјавија за Ројтерс дека Вашингтон досега се спротивставувал на барањата на Саудиска Арабија за директна воена интервенција, надвор од разузнавачката поддршка. Трамп за време на викендот изјави дека разговарал со саудискиот престолонаследник и дека Хутите исто така стапиле во контакт со Вашингтон, повикувајќи го да не се меша во конфликтот.

Саудиските државни медиуми објавија дека престолонаследникот Мохамед бин Салман се сретнал со американскиот регионален командант, адмиралот Бред Купер, во Џеда во понеделникот.
Саудиска Арабија предводи коалиција што се бори против Хутите уште од 2015 година, но конфликтот во голема мера стивна во последните години благодарение на прекинот на огнот. Борбите повторно се разгореа овој месец, при што Хутите ги потиснаа силите лојални на меѓународно признатата влада.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Парламентот на Косово ја избра Јустина Широка Пула за претседател

Парламентот на Косово ја избра Јустина Широка Пула за претседател

Парламентот на Косово ја избра економистката Јустина Широка Пула за претседател на земјата – функција …