Пишува: Сотир Габелоски
Кризата со коронавирусот не ја спречи Општина Крушево да продолжи со реализација на ветувањата дадени пред граѓаните. Продолжува имплементацијата на проектите, а течат подготовки за отпочнување на нови.
Коронавирусот на Општина Крушево и’ донесе еден „мирен“ период од околу еден месец во кој немаше активности на терен. Меѓутоа во просториите на локалната самоуправа се подготвуваа проекти, се објавуваа огласи за јавни набавки, а службите се припремаа за имплементација на нови проекти, првиот момент штом ситуацијата тоа го овозможи.
Веднаш после олабувањето на мерките за заштита од коронавирусот, а Владата испрати известување за постепено враќање во нормала од аспект на работното време на службите во Општината, Крушево започна со санација на дел од улицата „Тодор Проески“, со реконструкција на патот од Крушево до с.Пуста Река и изградба на резервоар за вода во село Белушино. Дополнително, Општина Крушево ја привршува постапката за изградба на игралиште за фудбал во маалото викано „Струнга“, со поставување нова, двојно поголема вештачка подлога на полетувалиштето на Мечкин камен и изградба на објект за потребите на параглајдеристите.
Сепак, градоначалникот на општина Крушево, Томе Христоски, напоменува дека сите овие активности продолжуваат со максимална внимателност и со високо ниво на почитување на мерките и препораките.
„Поделивме над 2.500 маски откако почна кризата и ги дезинфициравме сите институции. Ги обезбедивме службите кои се најмногу изложени на социјален контакт со соодветна опрема, за да обезбедиме не само ефикасна работа, туку и безбедност на сите вработени. Тоа е показател дека покрај работата на тековните проекти, се посветивме и на справување со кризата со коронавирусот. Ќе ја извојуваме оваа битка, а ќе ја извојуваме и битката за поубаво и попросперитетно Крушево“, изјави градоначалникот Христоски.
Како дополнение на погоре наведените проекти, градоначалникот Христоски најави имплементација на уште два проекта од патната инфраструктура кои заедно со Јавното претпријатие за државни патишта, треба да се реализираат до крајот на годината. Истовремено, во наредниот период се очекува продолжување на изградбата на канализација во с.Норово, како и изградба на вечното почивалиште на Тоше Проески.
Општина Крушево ги имплементира зацртаните проекти, но амбициите на општинското раководство и градоначалникот не застануваат тука. Во претстојниот период, се очекува реализација на уште неколку крупни проекти, но и на многу активности од помал обем.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место