И покрај забраната, се вози и преку пречките на автопатот Штип – Миладиновци

И покрај забраната, се вози и преку пречките на автопатот Штип – Миладиновци

Возачите и покрај забраната, секој ден поминуваат низ пречките од бетонски столпчиња, песок и една рампа и возат по автопатот Штип – Миладиновци, кој официјално, веќе петта година е во изградба.

Тоа се главно оние кои секојдневно патуваат на релација Штип – Скопје, поради работа, дообука, трговија или како транспортери.

Од Штип за Скопје, преку новиот автопат се стигнува за нешто над половина час, но, со зголемена внимателност поради поставените пречки.

На две места треба да се заобиколат пречките – бетонските столбчиња и истурениот песок, додека рампата е речиси целосно уништена. При тоа, целосно треба да се премине на спротивната лента. Делумно скршени се и столпчињата, намерно или некој удрил во нив. Исто така може да се забележи дека на ниту еден дел од патот не се работи.

Од Јавното претпријатие за државни патишта тврдат дека на патот има уште да се работи, но дека терминот за пуштање во употреба е крајот на мај – почетокот на јуни. Директорот Зоран Китанов вели дека најдоцна до 20 мај ќе се работи на клучката кај селата пред Свети Николе, а треба целосно да биде поставена и заштитната мрежа покрај патот.

– „Синохидро“ ги исправа сите останати работи што фалат, а фалеше многу. Некој заборавил да проектира клучка, да направи експропријација, како и сервисни патишта. Сето тоа го работиме во овој период и покрај критиките во јавноста – вели Китанов.

За довршување на дополнителните градежни работи, од ова јавно претпријатие пролетва мораа да распишат и нов тендер.

ЈП за државни патишта треба да допрва да бара изведувач за двете нови патарини на овој автопат, кои ќе се градат во пакет со модернизацијата на патарините на автопатските делници долж Коридорот 8. Тоа значи дека граѓаните привремено ќе возат по новиот автопат без да платат патарина. Ова претпријатие пролетва склучи договор за пошумување на косините на автопатот за нивна стабилизација и заштита од ерозија. Со завршување на сите овие активности, автопатот Миладиновци – Штип ќе биде подготвен за пуштање во употреба.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …