Се погласни се размислувањата дека поркај правосудството ветингот треба да се примени и во политиката. Корупција и поврзаност со криминални структури се причините поради кои се бара политичарите да минат низ истиот процес. Поддршка дојде од министерката за правда

СКОПЈЕ – Корумпираните административци, политичари и државни функционери мора да бидат тргнати од функциите и општествениот живот а тоа може да се постигне единствено преку ветинг бидејќи чистење во политичката сцена мора да има, смета јавноста но дел од функционерите.

Поддршка за ветинг на политичарите и функционерите денеска дојде од министерката за правда, Рената Десковска, која смета дека со тоа ќе се тргнат корупмираните и оние кои се во релација со криминалните кругови во државата.

„Се што може да значи чистење на политичката сцена, на државната сцена, од луѓе кои се корупмирани, кои се непрофесионални, кои имаат врски со мафијашки кругови поддржувам. Се што може да донесе за поголем квалитет јас секако го поддржувам. За некои случаи мора да водите сметка дека има уставни ограничувања како процесот за кандидирање за пратеници, но за другите фунции нема ограничувања“, речеДесковска.

Таа нагласи дека доколку има ветинг, процесот би го воделе експерти кои би биле надгледувани од меѓународни преставници и затоа нема потреба однапред да се стравува за злоупотреби и хајки.

„Останувам на ставот дека е многу побитно да имате чесни и професионални судии и обвинители, отколку да ги има, а да не си ја вршат работата како што треба. Тие носат поголема штета, отколку што би било забележано како штета нивното отсуство во судството“, рече Дескоска.

За претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, клучно е процесот да се води внимателно за да нема опструкција на правдата.

„Тоа се две зла. Со ветингот треба да се одбере она зло кое е помало за граѓаните во Македонија. Ние како судски совет постапуваме по законите и на некој начин спроведуваме ветинг“, изјави Здравев.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, денеска повтори дека има потреба за ветинг во сите институции, почнувајќи од законодавните но и извршните.

„Јас не можам да се занимавам со предрасуди, ниту со предвидувања за преполовување на судиите и обвинителите во процесот на ветингот. Тие што не го поминуваат ветингот не заслужуваат да бидат претставници на судството. Независно колку ќе трае ударот, дали ќе се преполови бројот или ќе остане четвртина, зависи од веродостојноста “, изјави Ахмети реплицирајќи му на премиерот Заев кој предупреди дека ветингот во судството може да влијае за намалување на бројот на судиите и обвинителите.

Во моментот во државата има 520 судии, а според проценките на експертите за непречено и нормално функционирање на судството потребни се 750. Токму затоа и се наметнува прашањето како би функционерло судството доколку дел од судиите не го поминат ветингот и мора да се повлечат од функциите. Единствена институција од која во моментов излегува нов кадар Академијата за судии и јавни обвинители, но бројките никогаш не би можеле да ја пополнат дупката бидејќи за две години од оваа Академија се излезени од педесетина нови судии.

Албанија е првата земја од соседството која примени ветинг во правосудството. Во досегашниот тек на процесот кој почна во 2016 година проверени се 185 судии и обвинители, 76 од нив го поминале ветингот и ја задржале функцијата, 80 се отповикани, 29 судии и обвинители самите се откажале. Процесот на проверка треба опфати вкупно 800 судии и обвинители.

Ветингот како процес подразбира проверка на стручноста, имотната состојба на лицето но и на членовите на неговот семејство како и проверка на евентуална поврзаност со криминални структури.

Извор: VOA