Избори

И Управниот суд ја отфрли тужбата на Левица против АВМУ за упатството за медиумско рекламирање

По Основниот граѓански суд, и Управниот суд оценил дека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги постапила во рамки на своите надлежности при донесувањето на Упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) преку соопштение се пофали дека пред три дена Управниот суд ја отфрлил тужбата на политичката партија Левица со барање за поништување на Упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 година.

Според денешното соопштение на АВМУ, Судот на седница одржана на 6 октомври донел решение со кое ја отфрла тужбата, утврдувајќи дека Агенцијата „во согласност со своите надлежности како јавен орган донела Упатство со кое го пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби од Изборниот законик“.

Во образложението, Управниот суд навел дека со донесеното упатство се појаснува начинот на примена на одредбите од Изборниот законик поврзани со распределбата на времето за платено политичко рекламирање, распределбата на времето во вестите кај јавниот радиодифузен сервис, бесплатното политичко претставување на Собранискиот канал и обезбедувањето пристапност на содржините поврзани со изборниот процес.

Од Агенцијата посочуваат дека со ова решение, како и со претходно донесеното решение на Основниот граѓански суд, се потврдува дека АВМУ постапил во согласност со законските прописи. Потсетуваат дека Основниот суд на 3 октомври го одби како неоснован и предлогот на Левица за издавање привремена мерка со која требаше да се забрани доставувањето на Упатството до медиумите и на извештаите за платеното политичко рекламирање до Државната изборна комисија (ДИК).

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Македонија времено ги прекинува исплатите на средства од ИПАРД

Македонија времено ги прекинува исплатите на средства од ИПАРД

Министерството за финансии информира дека земјава, преку органите за управување  на средствата од ИПА/ИПАРД инструментот на …