Идејата да се врати воениот рок е личен став на началникот на Генералштабот на АРМ, а не некаков план за во иднина

Идејата да се врати воениот рок е личен став на началникот на Генералштабот на АРМ, а не некаков план за во иднина

На овој пост му недостига контекст. Точно е дека началникот на Генералштабот на АРМ изјавил дека е потребно да се врати задолжителниот воен рок во Македонија, но тоа е негов личен став, а не некаков предлог или план како тоа би изгледало. Идејата за враќање на воениот рок не се разгледува во Министерството за одбрана, а како можна ја отфрли и претседателот Пендаровски, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост на Фејсбук кој споделува ударна вест дека во Македонија е најавено враќање на задолжителниот воен рок, нагласувајќи и детали за истото. Нашата проверка покажа дека станува збор само за предлог на началник на Генералштабот на АРМ, кој изнесува сопствено видување по ова прашање, а не за најава дека тоа ќе се случи.

НАЈНОВА ВЕСТ 🚨🚨🚨
Најавено враќање на ВОЕНИОТ РОК во Македонија- еве колку месеци би траел и кога би започнало, стои во објавата која ја анализираме.

Постот споделува напис во кој е пренесена изјава на началникот на Генералштабот на АРМ, Васко Ѓурчиновски дадена во емисијата Клик плус на ТВ 21. На прашањето, дали во Генералштабот се размислува за повторно враќање на воениот рок, Ѓурчиновски, нагласувајќи дека тоа е негов личен став, од стручен аспект, за кој остава можност да размислат експертите и политичките партии, одговара:

Категорично ќе кажам да, има потреба. Знам дека на одредена популација можеби ова нема да им е популарна мерка. Има потреба од причина што 3 или 4 месеци служење на задолжителен воен рок, пример, за машката популација, доколку се воведе, не мора да стартува веднаш. Може првите година, две да бидат преодни, па да се започне од 2025 година на пример. Зошто да не и женскиот пол, доброволно, да може да служи три месеци воен рок. Би добиле оспособување на кадрите за какви било можни ангажирања во случај на пожар, поплави, земјотреси. Би ги подготвило за сите овие пред малку што ги споменав карактеристики, на почитување на хиерархии, субординација, едно старешинство, помлад, постар, вештини кои сите вие повозрасните генерации сте ги стекнале додека служевте воен рок, рече Ѓурчиновски.

Личен став, не е официјална најава 

Но, во видеото Ѓурчиновски јасно кажува дека идејата за враќање на задолжителниот воен рок во земјава е негов личен став, а не некаква најава за нешто што би се реализирало наскоро, како што сугерира постот кој го анализираме. Официјално, најава за враќање на воениот рок во Македонија нема, ниту пак, се размислува за такво нешто, а тоа го потврдија претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски и Министерството за одбрана.

Според Пендаровски, АРМ е целосно професионализирана и нема можности за враќањето на задолжителниот воен рок.

Северна Македонија има професионална Армија, согласно потребите на земјата. Стратешка одлука која ќе продолжи да се применува и во иднина, исполнувајќи ги обврските како полноправна членка на НАТО. Државниот врв не ја разгледувал можноста за враќање на задолжително служење во Армијата, ниту во изминатиот период, ниту пак таква можност е отворена за во иднина. Укинувањето на обврската за задолжително служење на воен рок од 2006 година и целосната професионализација на Армијата е одлука што е донесена како дел од процесот на трансформација на Армијата, согласно анализите и проценките на ресурси и потреби на земјата, во целосна координација и консултации со НАТО, истакна Пендаровски.

Со сличен став излегоа и од Министерството за одбрана.

Армијата на Република Северна Македонија е целосно професионална Армија и досега нема никакви планови, ниту консултативни процеси за враќање на задолжителното служење воен рок. Одлуката за професионална војска ќе продолжи да се применува, истовремено исполнувајќи ги сите обврски на државата кои произлегуваат од членството во Алијансата. Министерството за одбрана е институција во која секој професионалец има право, можност, но и обврска да го каже својот став и истиот да биде слушнат. Ако постои интерес во јавноста, Министерството е отворено да дискутира за секое прашање, вклучително и ова, информираа од МО.

Точно е дека началникот на Генералштабот на АРМ изјавил дека е потребно да се врати задолжителниот воен рок во Македонија, но тоа е негов личен став, а не некаков предлог или план како тоа би изгледало. Идејата за враќање на воениот рок не се разгледува во Министерството за одбрана, а како можна ја отфрли и претседателот Пендаровски. Имајќи го предвид сето ова, можеме да заклучиме дека на постот што го рецензираме му недостига контекст.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Скандал: Сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ избрана за член на Судски совет

Скандал: Сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ избрана за член на Судски совет

Одговор на новинарско прашање на Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ Наместо реформи гледаме бртална партизација …