Трета недела по ред продолжува трендот на намалување на бројот на новозаболени и починати лица, а се бележи благо зголемување на бројот на оздравени лица, покажуваат податоците во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 3 до 9 август 2020 година, пишува МЕТА.

Во овој период се направени вкупно 9.543 тестирања (1.8 отсто помалку од периодот 27 јули – 2 август) и регистрирани се 816 позитивни случаи на ковид-19, што претставува намалување за 10.5 проценти споредено со претходната недела. Од вкупниот број на епидемиолошки истражените новозаболени во овој период 34,8 отсто имале контакт со потврден случај на ковид-19, а 8 лица имале историја за патување во странство во минатите 14 дена.

„Во периодот од 3 до 9 август се регистрирани 1.038 оздравени лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е благо зголемување во споредба со претходниот период. Во овој период, регистрирани се 25 смртни случаи, што е намалување од 13,8 отсто, во однос на минатата недела, кога исто беше забелжано намалување на бројот на смртни случаи. Најголем дел од случаите се лица над 60 години – 56,0 отсто. Кај 19 од смртните случаи (76 проценти) регистрирани се претходни коморбидитети“ информираат од Министерството за здравство.

Оттаму додаваат дека во периодот на известување повторно намалување има и во процентот на позитивни од тестирани случаи, кој изнесува 8,6 проценти, во споредба со последните две недели кога 9,4, односно 10 проценти од тестираните беа позитивни.

Неделниот извештај на ИЈЗ покажува дека новозаболени се регистрирани во 26 градови, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (31,4 отсто), во Штип (11,3 отсто) и во Гостивар (10,4 отсто). Во 16 градови во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.

Во однос на старосната структура на новозаболените и во овој период најголем процент се лица над 60 години – 25,9 отсто, а поголем број на заболени се регистрира и кај лицата на возраст меѓу 30-39 години – 18,4 проценти. Во возрасната група 40-49 години се 17,9 проценти од новозаболените, а во групата 50-59 години – 17,2 отсто. Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 години – 1,6 проценти и 10-19 години 4 проценти.