ИКТ Комора: Дигитализацијата на образованието треба да биде инклузивен процес

ИКТ Комора: Дигитализацијата на образованието треба да биде инклузивен процес

Информациските и комуникациските технологии, ако се користат на соодветен начин, можат да придонесат за значително подобрување на квалитетот на животот, работата и на создавање нови вредности, со што се оправдуваат напорите за имплементација на овие технологии. Ова го посочува Саша Огненовски од ИКТ Комората на Македонија, а во врска со полемиките во јавноста околу воведување на дигитализација на учебниците во образовниот процес.

„Овој став ИКТ Комора го афирмира и промовира во изминатите десетина години, со цел овие технологии да станат дел од институционалните политики со посебен акцент на нивната важност за унапредување на процесот на образование. За жал, досега нема значаен квалитет и напредок на ова поле, за што зборува и континуираното назадување на образовниот систем“, соопштуваат од ИКТ Комората.

Но, додаваат дека, внимателно треба да се пристапува кога се во прашање основното и средно образование. Квалитет може да се постигне единствено доколку процесот е прифатлив за сите засегнати страни, бидејќи воведување на новите процеси во образованието ангажира и дополнителни средства за сите вклучени.

„Дигитализација на образованието треба да се реализира во поинаков процес, кој ќе биде инклузивен, со вклученост на сите засегнати страни со цел креирање најдобри можни решенија кои нема да се соочат со проблеми при имплементација. Во прва фаза треба да се дигитализираат содржини кои на соодветен, а пред се визуелен, на учениците ќе им обезбедат разбирање на наставните содржини, особено на оние за практична или факултативна настава, кои е невозможно да се изведат во училишните простории“, посочуваат од ИКТ Комората.

При набавка на опремата за училиштата потребен е индивидуален пристап при јавните набавки, бидејќи секој субјект или образовна институција има специфични потреби и соодветно на тоа треба да се креира соодветна постапка за набавка. Во однос на учениците, потребно е да се предвиди помош за оние категории кои немаат соодветни можности, да се доделуваат ваучери за набавка на неопходната ИКТ опрема, како и да се вложи од страна на централната и на локалната власт во развој на интернет мрежата во руралните средини, во соработка со интернет провајдерите.

ИКТ комората истакнува подготвеност активно да се вклучи во процесот, ставајќи ги на располагање на надлежните институции и професионалните капацитети, со цел да се креира најдобро можно решение.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

пошта

Синдикатот на Пошта бара нова систематизација, најавува протести и штрајк

Поштата е на работ на егзистенција, изјави денеска на прес-конференција пред Владата синдикалниот лидер Боро …