Или брзо обединување или дополнителна агонија и разнебитување, велат реформаторите

Или брзо обединување или дополнителна агонија и разнебитување, велат реформаторите

Поради немање единствен став по однос на одржаниот референдум сегашното раководство на ДПМНЕ го доподели членството, велат од ВМРО-ДПМНЕ Демократска фракција, чиј член Петар Богојевски синоќа на седницата на Извршниот комитет на партијата беше разрешен од позицијата заменик генерален секретар.

Од таму велат дека во интерес на партијата и на иднината на државата е дојдено време да си подадат рака и дека е време за надградба на домашниот и меѓународен кредибилитет на државата и партијата.

„Секое тактизирање околу брзата реконструкција и обединување на прогресивните и чесни патриотски сили ќе значи дополнителна агонија и разнебитување на партијата. Во пресрет на се поизвесните избори следи период на конкретизирање на одговорноста во ВМРО-ДПМНЕ, период на брза кадровска промена и демократска трансформација. Во оваа насока, Демократската фракција на ВМРО ДПМНЕ ги повикува сите демократски внатрепартиски сили на обединување на принципиелна основа со цел заеднички и сплотени да ја одредиме иднината на државата“, велат реформаторите.

Тие го повикаа партиското раководство на отворен разговор за новите стратешки, програмски и кадровски постулати кои ќе го возобноват компромитираното и руинирано партиско ткиво.

„Лажни промени и привидно единство не смеат да се дозволат бидејќи потребна ни е победа на изборите. Потпирање на политичарите кои имаат „сопствен став на дневна основа” поттикнат од надворешни фактори не можат да донесат промени, нова визија и спас на државата, туку само ново залажување и порази. Потребна е реална и коренита промена. Секој обид за игнорирање на овие начелни ставови како и обид за заштита на криминалците во нашите редови ќе биде повторно влегување во „чизмите” на поранешниот претседател на партијата“, сметаат реформаторите.

Ги повикаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да не подлегнуваат на уцени, закани и обиди за подмитување.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

До Солун со 200 километри на час, за 2,5 милијарди евра

До Солун со 200 километри на час, за 2,5 милијарди евра

Проценките се дека брза пруга би чинела до 2,5 милијарди евра, а за да биде …