Илија Јованоски: Успешно ќе одговориме на предизвикот кој го носи вториот ден на „Пивофест 2019“

Илија Јованоски: Успешно ќе одговориме на предизвикот кој го носи вториот ден на „Пивофест 2019“

Неподелен е впечатокот дека првата вечер на „Пивофест 2019“ помина во одлична атмосфера и голема посетеност, што во претходните години не беше карактеристика за првиот фестивалски ден.

Градоначалникот Илија Јованоски рече дека е нескриено неговото чувство на радост, што синоќешната вечер помина одлично, на задоволство како на учесниците и организаторите, така и на посетителите.

„Задоволството е уште поголемо што и на алтернативните сцени беше исто така добро, како во детското катче и јавниот простор, така и на Камената бина каде младите се забавуваа до раните утрински часови, како и тоа што се’ помина во најдобар можен ред. Очекуваме вечерва да има уште поголема посетеност, не само од нашите сограѓани, туку и од посетителите од другите градови во нашата држава и надвор од неа. Сите екипи се спремни да одговорат на предизвикот кој го носи овој ден и очекувам дека и оваа вечер ќе помине во најдобар ред и дека посетителите, гостите, сите ние ќе бидеме задоволни“, истакна Јованоски.

Љупчо Тодоровски и Александар Митрикески се дел од организацијата на „Пивофест 2019“, задолжени за алтернативнот дел од програмата. Како што рекоа тие, првата вечер на Камената бина поминала во прекрасен амбиент и не се сомневаат дека понудата за втората вечер ќе биде на задоволство на помладите посетители.

„Пред се’ мораме да кажеме едно големо ‘благодарам’ за тоа што имаме можност да бидеме дел од еден ваков голем фестивал. Помина првиот ден со многу народ и имавме можност да ги чуеме ди-џеј Гејм Овер и Васко Бојаџиски, Марио Еди и „Архитек мјузик“. Вечер ќе ги проследиме настапите на Александар Миланов, Дејан Декс и Митрик. Како што кажав, голема е честа да бидеме дел од манифестација каква што е оваа и што алтернативната сцена може да се прикаже“, изјави Тодоровски.

Михајло Миленкоски, одговорниот за детската зона напомена дека на вчерашната забава присуствувале околу 350-400 деца, кои покажале голема креативност и придонесле да се создаде одличен амбиент. Програмата во детската зона е поделена во два дела: првиот од 09.00 до 12.00 часот и попладневниот дел кој почнува во 18.00 часот, а завршува со детското кино во 21.00 часот.

Во втората вечер на „Пивофест 2019“, главната бина е резервирана за настапите на Миле Кузмановски, Ален Хасановиќ, Уска Кан и Демир Кантуровски, а вечерта ќе ја затвори Светлана Цеца Ражњатовиќ.

Прочитајте повеќе

Д-р Венко Филипче средби со граѓани (2)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Николоски ја губат поддршката во четворката, затоа вадат пропаднати афери стари три години

Кандидатот на СДСМ и коалицијата во изборна единица четири, денес беше помеѓу граѓаните на Прилеп …