Има ли алтернатива за изворот Рашче?

Има ли алтернатива за изворот Рашче?

Состојбата со изворот Рашче засега е стабилна, но се испитуваат три нови локации кои би можеле да претставуваат алтернатива за снабдување на Скопје со вода. Во меѓувреме, Владата во соработка со Општина Јегуновце и Град Скопје работи на решавање на проблемот со дивата депонија што се наоѓа над самиот извор.

„Почнавме испитувања на три нови позиции во Градот Скопје што би значеле алтернатива за изворот Рашче. Станува збор за пообемни и стратешки важни операции за водоснабдувањето на главниот град. Недопустливо е 30–40 години да немаме резервна опција“, изјави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на седница на Советот на Град Скопје, одржана во вторникот (7 април).

Тој нагласи дека во моментов нема опасност за изворот Рашче, дека состојбата е стабилна, а водостојот повисок отколку во изминатите 25 години.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски,  05.02.2026
„Недопустливо е 30–40 години да немаме резервна опција на Рашче“, изјави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски

Депонијата во Јегуновце останува сериозен ризик

Одговарајќи на прашање за состојбата со депонијата кај поранешниот капацитет „Југохром“ во Јегуновце, Ѓорѓиевски истакна дека проблемот се решава со засилен фокус на заштита на животната средина. „Ќе треба многу внимателно да се постапува. Животната средина е во центарот на процесот и верувам дека проблемот ќе се реши во перспектива“, рече тој.

Проблемот стана актуелен откако професорот Златко Илијоски предупреди дека депонијата содржи околу 7.000 тони шестовалентен хром, што ја става во категоријата на опасен отпад. Според проценките на Илијоски, во депонијата има околу 1,1 милион кубни метри материјал, со вкупна маса од над два милиона тони, што ја прави секоја интервенција исклучително скапа и технички комплексна.

Илијоски деновиве во гостување во Топ Тема рече дека ако се одлучи отпадот од Јегуновце да се товари во камиони, треба да се натоварат 100.000 камиони, а тоа е колона до северот на Шведска.  „Само 1 грам шестовалентен хром може да контаминира 100.000 литри вода. Теоретски, 7.000 тони би можеле да контаминираат количина вода еднаква на 12 Охридски Езера“, предупреди Илијоски.

Чаша со вода, 24.04.2023
Жителите на Скопје во просек трошат околу 700 литри вода по жител дневно

Летна криза со водата и рекордна потрошувачка

Проблемите со водата во Скопје кулминираа и минатото лето, кога делови од градот останаа без вода во екот на високите температури. Во услови на суша, капацитетот на Рашче беше намален, додека потрошувачката достигна рекордни нивоа.

Жителите на Скопје во просек трошат околу 700 литри вода по жител дневно.

Инженерот Дејан Димовски, кој работи на електромашинско одржување и техничко следење и мониторинг на потрошувачката на вода во ЈП „Водовод и канализација“, пред советниците во Град Скопје на 17 јули минатата година посочи дека потрошувачката на вода во Град Скопје достигнала до 350.000 метри кубни на дневно ниво. Таква потрошувачка на вода изминатите години немало. Поради тоа, инженерите посочија дека е време да се размислува за алтернативен извор за водоснабдување на Скопје

„Мораме да размислуваме за Скопје, за испитување на дополнителни бунарски подрачја,мораме да размислуваме и технички, што може да предизвика форсирањето на природниот извор Рашче и на природните бунарски подрачја. Таму каде што Рашче е каптиран, ако цело време го форсираме во доволно долг временски период, можеме да го доведеме изворот во ситуација да најде земјен, каков било пат на некое друго место“, рече Димовски.

Македонија губи над 60% од водата

Анализа објавена во 2024 година од организацијата Waterwise и британското тело BSI покажува дека безбедноста на водата во Македонија се влошува. Земјата е меѓу оние со најголеми загуби на вода во регионот – околу 63%.

Годишно се губат 146 милиони кубни метри вода за пиење, од кои 63 милиони кубни метри во Скопје, што е дури 43% од вкупната загуба на национално ниво.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Со новиот Закон за високо образование премиерот ќе ги задржува младите дома, студентите со критики

Со новиот Закон за високо образование премиерот ќе ги задржува младите дома, студентите со критики

На прес-конференција за Предлог-законот за високо образование, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека образованието со години …