ИМА ЛИ КРАЈ НА УЖАСОТ БЕЗ КРАЈ?

ИМА ЛИ КРАЈ НА УЖАСОТ БЕЗ КРАЈ?

Колумната не се препорачува за деца под 77 години

Неопходен е надзор на родител или старател

Кога на почетокот на новиот милениум тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски на меѓународната заедница ѝ го покажа средниот прст, неговата постапка “запалените“ патриоти ја дочекаа со овации. Демек, им покажа Војводата…

Арно ама за брзо време Љубчо ретерираше од првичниот став, што во релевантните дипломатски кругови беше протолкувано како прагматичен политички чекор. Се разбира, тоа го направи не затоа што се променија неговите “чувства“ кон САД и ЕУ, туку затоа што само на тој начин можеше да ја напушти политичката сцена без поголеми последици изразени во форма на политички скандали или финансиски афери. Тоа што после камбекот во политичките води самиот ќе рече оти “во негово време се крадело, ама имало за сите“, многумина го сфатија на шега. Тие што барем малку ја следеле неговата политичка кариера знаат оти Љубчо во своите изјави и јавни настапи никогаш не се шегувал.

А кога се парите во прашање, неофицијалните проценки на “странските служби“ беа дека во тоа време, во џебовите на политичката и бизнис елита од опкружувањето на Георгиевски завршиле околу 250 милиони долари. Иако таквата сума изгледаше прилично нестварна, во споредба со пљачката на Грујо и неговата арамиска дружина тешка меѓу 4 и 5 милијарди евра, испаѓа дека љубчовци биле големи домаќини!

Денес, нецели две децении подоцна, историјата ни се повторува во најлошата можна варијанта: повторно во центарот на збиднувањата е истата партија, ВМРО-ДПМНЕ, и повторно нејзиниот лидер му “раскина“ на целиот свет. Никој не можеше да претпостави дека по стапките на Љбчо, само во многу поекстремна и понеразумна варијанта, ќе тргне и неговиот пулен, нереализираниот боксер, пропаднат актер и за тежок криминал осомничен екс-премиер Никола Груевски.

За разлика од неговиот ментор, Грујо секојдневно покажува мускули и ја засилува антиевропската реторика јасно ставајќи до знаење дека неговиот европски пат завршува на Табановце. Ама тоа не е и единствената разлика помеѓу нив двајца: премиерот Љубчо за Претседател на државата го имаше Борис Трајковски, кој уште во првите 3 месеци после устоличувањето покажа интегритет, дистанцирајќи се од партиската агенда на ДПМНЕ. Грујо, пак, ја има таа (не)среќа “партнер“ да му биде Хорхе, кој со својот поданички менталитет и полтронски однос кон братучедите претставува фактор на нестабилност и закана по безбедноста на Македонија. Од тие причини споредбата на Љубчо и Грујо, а уште повеќе на Борис и Хорхе, најблаго речено е – непристојна.

Она што е “предност“ на чедото на мајка Нада е неговата дарба и постојана инспирација за измислување нови “плашила“. Странските служби со жолтото комбе и соросоидите никој веќе не ги спомнува. Последната “мантра“ е дека на Македонија ѝ се заканува дестабилизација и опасност од граѓански немири и судири. Грујо не го вели тоа случајно. Тој одлично знае дека секогаш кога треба да бира, меѓународната заедница ѝ дава предност на безбедноста пред демократијата. Или кажано со други зборови, дури и по цена на ставање во втор план на закочените демократски процеси, ако на државата ѝ се заканува безбедносна нестабилност, Брисел и Вашингтон секогаш ќе го одберат второто.

Оттаму, неговата “загриженост“ за состојбите во државата по однос на безбедносното прашање не е ништо друго освен евтина финта за премостување на вистинските проблеми и отворање тема околу која треба да се фокусира вниманието на странскиот фактор. Тоа, во комбинација со бесмислените собраниски седници на кои портокаловите марионети “не се согласуваат со сопственото мислење“ и водат дебата со замислен противник, треба да резултира со иницијатива за нова лидерска средба и потпишување некој нов, којзнае кој по ред „Пржински“ или „Свирипичински“ договор. Тоа би значело враќање во игра на “главата“ на злосторничкото здружување, но и враќање на процесите пред почетокот на „Вистината за Македонија“. Никој нема мандат да дозволи такво нешто, дури ни оној кој ни овозможи да ја видиме вистинската слика за нашата жална Македонија.

Затоа никој не треба да има илузии дека апелите да проработи свеста, совеста или разумот кај лидерот на ДПМНЕ е “истрел во празно“. Агонијата мора да биде прекината. Кубурот од појас мора да биде изваден. Бидејќи, подобро е и ужасен крај, отколку ужас без крај.

Автор:

Чеге Вара                                             Прилеп, ебаго!…….(147)

Прочитајте повеќе

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години Неопходен е надзор на родител или …