Имитација во време на војна: Русија одржа нелегитимни избори во окупираниот Крим

Имитација во време на војна: Русија одржа нелегитимни избори во окупираниот Крим

Нелегитимните локални избори во окупираниот од Русија, Крим завршија на 8 септември. Гласањето, кое беше осудено од Украина, а непризнаено од повеќето земји во светот, најверојатно ќе ја зацврсти контролата на локалните елити врз власта на нелегално анектираниот полуостров

Од 6 до 8 септември, гласачите во Русија гласаа за гувернери и регионални законодавци во 83 региони и градови. Актуелните функционери и другите приврзаници на претседателот Владимир Путин и неговата партија „Единствена Русија“ се очекуваше да победат на строго контролираните избори, на кои немаше вистинска политичка конкуренција по долгогодишната сурова репресија со противниците што само се интензивираше по целосната инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Ситуацијата не беше поинаква во незаконски окупираните територии во Украина, вклучувајќи го и Крим каде се одлучуваше за места во парламентот на Крим, наметнат од Русија, општинскиот законодавен дом на пристанишниот град Севастопол и локалните совети.

За разлика од 2014 и 2019 година, овојпат гласањето на Крим се одвиваше во позадина на тековната војна.

„Особеноста на овие „избори“ е што тие се одржуваат во услови на војна, која Кримјаните сега ја чувствуваат во своите домови: мобилизација, ковчези, експлозии и пожари, ровови на плажите и шеталиштата на море“, изјави за Радио Слободна Европа, кримскиот политиколог Јевхенија Хорјунова.

„Сето ова можеше да влијае на изборните резултати, ако имаше вистински избори во Русија, но веќе многу години ова е само имитација, одреден ритуал на легитимирање на лидерот и на партијата на власт“, вели таа.

Според официјалните руски податоци, на Крим има околу 1,5 милиони гласачи. Бројот ги вклучува украинските државјани на кои насилно им биле издадени руски пасоши по 2014 година и стотици илјади Руси кои се преселиле на полуостровот во последните 10 години.

Тие можат да го дадат својот глас на околу 1300 традиционални избирачки места или 150 мобилни избирачки места, како и преку услугата за гласање преку интернет. Во близина на линијата на фронтот беа создадени четири избирачки места, наменети за руските војници.

Според експертите, практично е невозможно да се контролира изборниот процес онлајн или на мобилни избирачки места, што на властите им дава широк простор за фалсификување на изборите.

Во градот Севастопол, кој е домаќин на повеќе воени објекти кои редовно се мета на украинските воздушни напади, вклучително и седиштето на руската Црноморска флота, избирачките места беа опремени со засолништа за бомби, а гласањето започна уште на 28 август поради она што гувернерот на градот, Михаил Развозаев, го објасни како „безбедносна загриженост“.

Владиниот украински центар за национален отпор соопшти дека предвременото, мобилното и онлајн гласањето ја олеснуваат измамата и го прикриваат слабиот одѕив.

Во извештајот на организацијата се вели дека руските окупаторски власти вештачки ја зголемуваат излезноста со помош на безбедносните сили и со користење на луѓе раселени од окупираните територии на континентална Украина кои привремено живеат на Крим.

Изборното законодавство на Крим беше изменето во мај со цел ефективно да ги спречи потенцијалните конкуренти да се кандидираат.

Генерално, не се очекуваа големи промени со поддршката на Путин за Сергеј Аксјонов, назначениот од Москва шеф на окупираниот Крим од Украина, кој бара уште еден петгодишен мандат.

„Регионалната елита не мора ни да се труди да остане на власт. И онака ќе го има потребното мнозинство. Роднините, деловните партнери и пријателите се вклучени на изборните листи за дополнително зајакнување на „кланот“ што стана составен атрибут на кримската реалност од 2014 година“, вели Хорјунова.

Војната имаше ограничено влијание врз изборот на кандидати за регионални и локални административни органи. Уште во пролетта, владејачката партија на Путин, Единствена Русија, планираше да номинира многу „херои на специјалната воена операција“, односно ветерани од инвазијата на Москва во Украина, за места на изборите.

Во повеќето региони, вклучително и во окупираните територии, ветераните загубија на партиските прелиминарни избори.

Еден од ретките случаи во кои војниците го поминаа процесот на селекција беше Севастопол.

„Најверојатно, некои од нив ќе бидат избрани за уште еднаш да го зајакнат митот за градот на „руската воена слава“. Но, тие ќе бидат само послушници кои ќе гласаат во интерес на Единствена Русија и гувернерот“, рече Хорјунова.

Според украинскиот политички аналитичар Јевхен Сависко, руското раководство било решено да обезбеди гласањето на Крим да се одржи навреме и без сериозни инциденти.

„Прво, Путин треба да му покаже на светот дека никој во привремено окупираниот Крим не сака да и биде вратен на Украина. Второ, тој треба да ги увери своите службеници и локалните предавници дека: нема да бидете оставени додека тивко работите за Москва. И трето, има порака до луѓето во провинциската Русија: „Погледнете колку сме силни“, вели Сависко за РСЕ.

Украинското Министерство за надворешни работи го осуди гласањето во окупираниот Крим, истакнувајќи дека постапката е кршење на меѓународното право.

„Уште еднаш нагласуваме дека резултатите од таканаречените „избори“ на привремено окупираната територија на Автономната Република Крим се безвредни, а самите „избори“ се нелегитимни“, соопшти украинското министерство.

Министерството исто така додава дека оние кои биле вклучени во „подготовката и одржувањето на таканаречените „избори“ ќе бидат кривично гонети.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Орбан

Пресметка со Орбан во Европскиот парламент

Унгарскиот премиер Виктор Орбан беше во Стразбур за да зборува за претседавањето на неговата земја …