Синоќа во Прилеп на 71-годишна возраст почина Јове Магдески, мајстор на фудбалската игра и еден од најдобрите фубалери кои ги дал градот под Марковите кули.
Јове Магде, како што го викаа прилепчани, беше уметник со фудбалската топка, фудбалер со префинет стил и техника за кого во „најважната споредна работа на светот“ немаше тајни.
Покрај фудбалска умешност и мајсторство, дресот со број 8 на спортската гордост на Прилеп, ФК „Победа“, беше неговиот заштитен знак. Не за бадијала се велеше оти пасовите на Јове „имаа очи“, а слободните удари беа „половина гол“.
Јове Магде ја имаше среќата, заедно со Живко Ѓорѓиоски, Глигороски, Истатов, Мечев, Манески, Дрвошанов… да биде дел од, веројатно, најдобрата генерација на прилепска „Победа“.
Неговиот вонсериски талент и фудбалското мајсторство не останаа незапазени: Јове беше член на аматерската репрезентација на некогашната СФРЈ, за која настапуваа најдобрите играчи од Втората југословенска лига. За репрезентацијата одигра 30 натпревари, при што се закити со златен медал на Балканијадата во Грција.
Иако на негова адреса стасуваа понуди да го облече дресот на некоја од екипите од југословенската „голема четворка“, заради љубовта кон Прилеп, кон „Победа“ и, неретко, 20-илјадната публика на Градскиот стадион „Гоце Делчев“, Јове и’ остана верен на својата прва и единствена фудбалска љубов.
И покрај заминувањето од овоземниот свет, ѕвездата на Јове уште долго ќе сјае на фудбалското небо.
Погребот на Јове Магдески ќе се изврши денеска, сабота 2 ноември во 13:00 часот, на Новите гробишта во Прилеп.