Индексот на индустриското производство во април 2021 година, во однос на истиот месец лани, изнесува 146,1, односно е поголемо за 46,1 отсто, соопшти Државниот завод за статистика (ДЗС). Додека во периодот јануари – април 2021 година, спредено со истиот период лани, изнесува 103,7 или индустриското е зголемено за 3,7 отсто.

Според податоците, гледано по сектори, индустриското во рударство и вадење на камен во април годинава бележи пораст од 16,9 отсто, преработувачка индустрија за  64,3 отсто, а кај снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација имало опаѓање од 15,6 отсто, во споредба со април 2020 година.

Зголемувањето во секторот преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на поголемото производство на: прехранбени производи, пијалаци, тутунски производи, текстил, облека, хемикалии и хемиски производи, основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, производи од гума и пластични маси, на други неметални минерални производи, електрична опрема и друго.

Кај главните индустриски групи производството во април годинава, во однос на април 2020, бележи пораст кај интермедијарни производи, освен енергија за 45,8 отсто, капитални производи за 209,8 отсто, трајни производи за широка потрошувачка за 78,5 отсто и нетрајни производи за широка потрошувачка за 36,6 отсто, додека опаѓање бележи кај енергија за 22,7 отсто.

Извор:МЕТА