Инфлацијата во европските земји кои го користат еврото порасна поради растот на цените на струјата и природниот гас, сигнализирајќи претстојна зимска рецесија, објави денеска европската статистичка агенција Еуростат.
Потрошувачките цени во еврозоната од 19 земји пораснаа за рекордни 10 отсто во септември во однос на минатата година. Во август инфлацијата беше 9,1 отсто.
Пред само една година, инфлацијата беше 3,4 отсто.
Зголемувањето на цените е над очекувањата на аналитичарите и рекорди од кога се води евиденција на еврото од 1997 година.
Главна причина се цените на енергијата, кои се зголемени за над 40 отсто во однос на лани. Храната, алкохолот и тутунот се поскапени за 11,8 отсто.
Инфлацијата е поттикната од постојаното намалување на испораките на природен гас од Русија и отежнатата набавка на суровини и делови додека светската економија се опоравува од пандемијата на коронавирус.
Намалувањето на руските испораки на гас доведоа до големо поскапување, па некои фирми, на пример за производство на ѓубрива и челик, соопштија дека веќе не се во можност профитабилно да произведуваат некои производи.
Високите цени за комуналии, храна и гориво им оставаат на потрошувачите помалку пари за други работи. Тоа е главната причина поради која економистите предвидуваат рецесија, односно сериозен и долготраен пад на економската активност за крајот на оваа и првите месеци од наредната година.
Европската централна банка ги подигна каматните стапки за борба против инфлацијата, но не може сака да ги снижи цените на енергенсите.
Повисоките каматни стапки го поскапуваат задолжувањето за фирмите, со што се намалува потрошувачката за стоки, и на тој начин се зауздува инфлацијата.
Извор: Радио Слободна Европа