Инфлацијата притиска, неопходни се итни мерки

Инфлацијата притиска, неопходни се итни мерки

Трошоците за живот продолжуваат да растат, а паричниците на граѓаните се сè попразни. Најновата статистика на Државниот завод за статистика покажува дека трошоците за живот на годишно ниво се зголемени за 5,7%, додека цените на мало пораснале за 5%. Инфлацијата во април, во однос на март, изнесува 1,3 %.

Во исто време, проекциите на Народната банка се дека инфлацијата годинава ќе достигне околу 4 %.

Критики за мерките против инфлацијата

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ смета дека ваквиот раст на инфлацијата не треба да изненадува.

„Ова е последица на тоа што Владата прво ’спиеше’ месец и пол откако почна војната и цените на нафтата почнаа да растат, а потоа донесе неефективни мерки. На ова предупредував подолго време“, вели Јовановиќ за ДВ

Според него, намалувањето на ДДВ и акцизите не е доволно за да се спречи растот на цените.

„Овие мерки можат да помогнат само ако се дел од поширок пакет кој ќе вклучи и ограничување на цените. Без ограничување на цените, намалувањето на ДДВ-то и акцизите само им ги полни џебовите на големите фирми“, додава Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

Тој смета дека замрзнувањето на цените е единствениот ефективен начин за краткорочно контролирање на инфлацијата.

„Ако Владата навистина сака да се справи со оваа инфлација, постои само еден начин, а тоа е преку замрзнување на цените. Тоа нема да ја поправи штетата, нема да ги врати цените на нивото од пред два месеца, ама ќе спречи тие дополнително да пораснат“, дециден е нашиот соговорник.

Празен паричник, 19 јануари 2022
Трошоците за живот продолжуваат да растат, а паричниците на граѓаните се сè попразни

Владата: ограничен простор за мерки

Но, според премиерот Христијан Мицкоски, Владата има ограничен простор за нови мерки, освен интервенции преку ДДВ. Дополнително, Мицкоски смета дека замрзнувањето на цените не е одржливо решение.

„Замрзнувањето на цените и маржите се прелева во наредните месеци и се покажа како лоша мерка“, изјави деновиве премиерот. Тој додаде дека веќе се применуваат таргетирани мерки, како што се оние за вештачкото ѓубриво и течниот природен гас, како и дека според ММФ, земјата е меѓу првите по обем на мерки преку ДДВ.

Мицкоски посочува дека инфлацијата не е изолиран проблем. „Во Бугарија инфлацијата е над 6 %, во Хрватска околу 6 %, а во Грција околу 5 %“, посочува премиерот.

Корпа со храна
Се зголемува јазот помеѓу платите и трошоците за живот

ССМ: трошоците за живот растат побрзо од платите

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, предупредува на зголемениот јаз помеѓу платите и трошоците за живот. Синдикалната минимална кошница во периодот јануари–април е зголемена за 3.304 денари, додека минималната плата е зголемена за 1.667 денари. Тоа значи дека на работниците со минимална плата им недостигаат 1.637 денари за основни трошоци.

„Додека минималната плата е зголемена за 6,8 %, инфлацијата достигна 5,7 %, што значи дека реалниот раст е само 1,1 %“, вели Трендафилов.

Народна банка: умерен пад на инфлацијата

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, очекува раст на БДП од 3,5 % во 2026 година и 3,8 % во 2027 година. Главен двигател, според него, ќе бидат инвестициите, особено инфраструктурните проекти, како и закрепнувањето на надворешната побарувачка.

Сепак, глобалната економија останува под ризик од геополитички конфликти, особено на Блискиот Исток, што влијае врз цените и трговијата. За Македонија, проекциите предвидуваат постепено намалување на инфлацијата на околу 3 % во 2027 година и враќање кон историскиот просек од 2 % на среден рок.

Извор: DW