Сто средношколци од 20 средни училиште од државава, денеска во Делчево се натпреваруваат со бизнис-идеи во рамките на Иновативниот камп кој е во организација на „Џуниор ачивмент Македонија“ и Општина Делчево.
Средношколци од Делчево, Скопје, Битола, Валандово, Кочани, Берово, Гевгелија, Куманово, Струмица, Македонски Брод, Прилеп, Штип, Ресен, Maкедонска Каменица и Виница поделени во 20 група составена од 5 ученици работат со поддршка на бизнис-волонтери и преку пристап до интернет и технологија го користат своето знаење применувајќи претприемачки вештини и тимска работа за да најдат иновативни одговори за предизвикот. Идејата развиена во бизнис-план во попладневните часови ќе биде презентирана пред жири-комисија, а на натпреварот има и 30 ментори наставници, како и 50-ина гости кои ќе го следат натпреварот на бизнис идеи.
Иновативниот камп во Делчево го отворија градоначалникот на Општина Делчево Горан Трајковски и директорката на „Џуниор Ачивмент Македонија“, Љупка Панчевска.
Градоначалникот Трајковски истакна дека денешниов натпреварот во бизнис-идеи креирани од младите средношколци отвора нова перспектива која зборува дека во нашата држава од сите релевантни фактори од сферата образование има еден сериозен пристап кон претприемништвото како база од која во иднина ќе се дефинира силен приватен сектор.
– Општина Делчево дава несебична поддршка во организацијата на денешниот настан со што Делчево, како релативно мал град на крајниот Исток од државава, дава свој голем придонес во развојот на претприемништвото и мотивацијата кај младите да размислуваат претприемнички и да работат на развој на своите идеи за бизнис и -да ги реализираат своите соништа. Во оваа прилика изразувам голема благодарност на директорката на Џуниор Ачивмент Македонија, г-ѓа Љупка Панчевска што го запиша Делчево во семејството на градови поддржувачи на целта и мисијата на Џуниор Ачивмент, како дел од светската мрежа на Џуниор Ачивмент основана во 1919 година. Па, ја користам оваа прилика и јавно да им ја честитам 100-годишнината од основањето и им посакувам упорно да продолжат со нивниот концепт на економско и претприемничко образование, финансиско описменување и олеснување на пристапот до вработување за младите, рече Трајковски.
Ова натпреварување има за цел да им овозможи на учениците што поблиску да се запознаат со современиот начин на работа и да ги мотивира да размислат проактивно и е добар вовед воПрограмата на ученички компании кој се смета за најдобар пример на претприемничко учење за младите, истакна директорката на Џуниор Ачивмент Љупка Панчевска.
– Денес очекувам да се совладаат нови техники кои се применливи во решавање на каковбило проблем. Младите да стекнат корисни вештини и да ја победат тремата од презентирање. Се надевам дека во иднина, овие млади луѓе ќе добијат можност за да ја развијат и спроведат денешната идеја во реалена инвестиција, рече Панчевска.
Натпреварот е финансиски поддржан од Американската агенција за меѓународен развој, а го реализира организацијата Џуниор Ачивмент Македонија – член на светската мрежа Junior Achievement Worldwide, основана 1919 и Општина Делчево.
Презентацијата на бизнис- идеите ќе започне по 15,30 мин, по што жири-комисијата следејќи ги одредените критериуми, ќе ја одбере најдобрата средношколска бизнис-идеја на Иновативниот камп во Делчево.