Инспекторите бараат прием кај Заев по најавата за разрешување на Пауновски

Инспекторите бараат прием кај Заев по најавата за разрешување на Пауновски

Инспекторите од Пазарниот Инспекторат денеска се организираат да бараат прием кај претседателот на Владата Зоран Заев по неговата најава дека има основ за разрешување на директорот на државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски. Како што објави Телма, инспекторите од сите градови се на пат кон Скопје и собираат петиција за да спречат разрешување на нивниот директор, и не исклучуваат протести против разрешувањето.

„Недозволиво е секој ден преку медиумите да водите полемики со потпретседателот на Владата, а сега гледам и со претседателот на Владата. Тоа е пркос кој не е дозволен. Во Владата има хиерархија, се знае како тоа треба да функционира“, изјави денеска Заев.

Прераспределбата на рамковните адмнистративци доведе до отворен судир меѓу премиерот Заев и првиот човек на Државниот пазарен инспекторат, Пауновски. Откако тој одби да прими дел од административците поради несоодветно образование, премиерот денеска му порача дека „пркос“ не е дозволен и дека ќе биде побарано негово разрешување.

Во заедничкото соопштение на вицепремиерите Артан Груби и Љупчо Николовски по повод денешните случувања, се наведува дека спроведувањето на решението за вработените според К5 програмата е распределено хоризонтално и солидарно со вклученост на дури 237 институции и до сега ниту една не одбила да учествува во решението, туку се барале модалитети и начини истото да се спроведе.

„Согласно Законот за преземање административни службеници, 1.349 вработени според програмата за правична застапеност конечно се распределуваат на конкретни работни задачи во вкупно 237 институции. Тоа не се нови вработувања, туку станува збор за решение со кое државата конечно обезбеди конкретни ангажмани за вработени лица кои со години беа причина за незадоволство кај јавноста од една страна, а кои во исто време не добиваа никакви работни задачи од институциите“ се вели во заедичкото соопштение на двајцата функционери.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Откако Александар Николоски го обвини Венко Филипче дека ја злоупотребува професијата лекар, Филипче му порача …