Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) информираше дека се инсталирани нови мерни инструменти за мерење на ПМ10-честички во автоматските мониторинг станици за квалитет на амбиентниот воздух во Лисиче, Гостивар, Кичево, Велес 2 и Кавадарци.
„Министерството за животна средина и просторно планирање по спроведена отворена постапка за доделување на договор за јавна набавка на 5 автоматски анализатори за мерење на суспендирани честички ПМ10 и на 5 системи за прибирање и обработка на податоци, информира дека во автоматските мониторинг станици за квалитет на амбиентен воздух Лисиче, Гостивар, Кичево, Велес 2 и Кавадарци се инсталирани нови мерни инструменти за мерење на ПМ10 и истите се ставени во работен режим. Податоците од извршените мерења, од денеска се достапни за јавноста на веб порталот за квалитет на амбиентниот воздух: air.moepp.gov.mk. Исто така, информираме дека инструментот за симултано мерење на ПМ10 и ПМ2,5 од Куманово е исклучен од системот поради технички проблем. Во моментот кога ќе се отстрани проблемот инструментот ќе биде ставен во работен режим“, се вели во соопштението на МЖСПП.