Градежниот факултет при УКИМ ја заврши ревизијата на проектната документација за воведување на комуникациско – информациски систем за контрола и управување на сообраќајот на автопатот од Коридор 10. Од Јавното претпријатие за државни патишта за „Мета.мк“ информираат дека ревидираниот проект е испратен до Министерството за транспорт и врски, така што следна обврска е распишување на меѓународниот тендер за Интелигентниот транспортен систем (ИТС).
Надлежното министерство за „Мета.мк“ веќе информираше дека тендерот ќе биде објавен во првата половина од 2020 година. Проектот вреден 18,6 милиони евра треба да биде ставен во функција до 2022 година. Со овој зафат на автопатот од Табановце до Гевгелија ќе бидат поставени камери со кои ќе се набљудува сообраќајот, метеоролошки станици што ќе ги следат временските услови на патот, а сите податоци деноноќно ќе пристигнуваат до вработените во Контролните центри во Петровец и Неготино.
Во случај на сообраќаен метеж, несреќа или временски неприлики на патот, диспечери од Контролниот центар во реално време ќе ги известуваат возачите на автопатот за состојбата на патот преку поставената електронска сигнализација. Проектот ќе овозможи да се зголеми безбедноста во сообраќајот на автопатот од Коридор 10, како и да се намалат емисиите на јаглерод диоксид во воздухот.
Проектната документација за воведување на „интелигентен надзор“ на автопатот од Коридор 10 беше изработена од Градежниот институт „Македонија“ од Скопје и од „Промел системи д.о.о.“ од Загреб.
Извор: МЕТА