Интересот и интересните групи

Интересот и интересните групи

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Интересот како посебна категорија се појавува во нововековната политичка филозофија и теорија. Самиот термин произлегува од „Interesum, ınteresse“, што значи „да се учествува, да се биде дел од нешто“. Во предметот „Политички партии и интересни групи“, јасно е наведено дека дури и кога интересот е најнепосредно поврзан со некоја личност, личниот интерес се определува во релација со интересите на одредена човекова заедница, организација или општествена група во која поединецот живее.

Хабермас укажува дека „интересот е семоќен волшебник, кој во очите на сите битија го менува изгледот на секој предмет”. Доколку го читаме Џереми Бентам, ќе забележиме дека упатува на тоа дека индивидуалните интереси се единствените реални интереси. Групирањето на индивидуи со слични интереси формира Интересна група, која е важен сегмент во демократизацијата на политичките системи.

Интересни групи се синдикатите, здруженијата и граѓанските организации. Професионалните здруженија исто така претставуваат интересни групи. Разликата помеѓу политичките партии и интересните групи е во тоа што политичките партии имаат за цел освојување на власта, додека интересните групи имаат за цел да влијаат во креирањето на јавните политики заради остварување на интересите кои ги застапуваат. За таа цел и се предвидени различни фази за учество на засегнатите страни при креирање на јавни политики.

И оваа недела актуелен е настапот на Грета, кој беше силен крик и повик за свртување на вниманието кон животната средина. По овој настап, политичките партии во Австрија и Германија стануваат поатрактивни за гласачите поради промена на нивната свест во поглед на прашањата за животната средина. Секој личен интерес претставува своевидна социјална вредност. Тоа значи дека и поединецот и група на граѓани кога имаат јасна цел и визија, можат да влијаат врз донесувачите на одлуки да го насочат вниманието кон она што е јавна корист.

Интересот е сложена категорија која освен политичко значење, содржи и економски, психолошки и филозофски компоненти. Значајно е какви интереси се градат преку политичката социјализација кај генерациите, затоа што последица од тоа ќе бидат поставени општествени приоритети од страна на граѓаните – избирачи, избраните претставници во институциите на политичкиот систем и граѓанските организации.

Тесна поврзаност со интересните групи и нивните влијанија во рамките на политичкиот систем, има политичката култура. Колку истата е партиципативна на локално и централно ниво? Колку граѓаните се обучени да учествуваат, да се интересираат за организирање на нивните животи? Во нашата земја граѓаните имаат пасивна улога во поглед на учество во креирање на јавни политики на локално и централно ниво. Тоа е последица на централизираната политичка социјализација која сè уште не успеваме да ја надминеме. Граѓанските организации ја превземаат главната улога во подигнување на свеста за поголема партиципативност. Образовните институции, иако се основа за политичка социјализација, не се соодветен партнер во процесот на граѓанско образование. Граѓанското образование треба да ги учи новите генерации дека политичарите се вработени од граѓаните и работат за нив, а за тоа секако и земаат плата. Синдикатите се интересни групи кои одамна ја изгубија довербата на работниците. Граѓанските организации се наметнуваат како фактор во одлучувачките процеси. Иако нивното ефектуирање кај нас оди бавно, сепак се движи во добра насока.

Што се однесува до младинските здруженија, студентските организации, здруженијата на правници, лекари, адвокати, архитекти, земјоделци, бизнис заедницата… сите тие се на почетен развој во партиципативна форма, бидејќи и денес делуваат како продолжена рака на политичките партии. Граѓанското образование е клучно за сите професии, за да интересот кој ќе се развива кај нив биде, во општествена смисла, корисен и рационален. Нашите политичари  (одлучувачи) не се обучени да слушаат туѓи сугестии, туку се научени да кажуваат како ќе одлучат. Развојот на граѓански интересни групи наспроти партиски, е основа за развој на делиберативната демократија и прогресивни јавни политики на локално и централно ниво.

Политичка партиципација од страна на луѓе кои знаат, е клучна за надминување на општествената криза со која предолго сме соочени. Воспоставување механизми со кои ќе се зацврстат позициите на неформалните интересни групи, е еден од начините за достигнување на реформите кои партизираните институции сами не можат да ги постигнат.

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …