Разговараше: Зоран Милошески

„Потрошивме многу време на санирање на низа наследени состојби. Денес, реонот кај поранешната касарна веќе наликува на населба. Гасификацијата е пред распишување на тендерска постапка, пред потпишување на договор сме за Офицерскиот Дом, следната година треба да ги имаме градежните активности. Со мултифункционалниот спортски комплекс сме во напредна фаза во прекуграничен проект со Р. Грција, каде директно средствата се насочени кон спортската сала. Што се однесува до обвинувањата за непотизам, прво добро нека прочитаат што е непотизам, второ, сѐ што до сега отворија како прашање, истражни органи го проверија и тука завршија работите“, вели во интервјуто за ПУБЛИКУМ градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска.  

ПУБЛИКУМ: Госпоѓо Петровска, 15 месеци после Вашиот избор за градоначалник на општина Битола, како го оценувате досегашното Ваше работење? Што е тоа со што можете да се пофалите пред Вашите сограѓани?

ПЕТРОВСКА: Во реонот кај поранешната касарна наследив ужасно слаба динамика на средување на инфраструктура и тужби заради истото. Денес таму имаме привршување на зафатите на девет улици, иако претходно биле предвидени само пет. Тој дел веќе наликува на населба. Започнавме со средување на канализацијата во подпелистерието. Успеавме да добиеме пречистителната станица за тој реон. За прв пат се среди проблемот со водата и канализацијата во населбата Лавци и с. Лавци. Се уреди влезот на Битола од страната на Прилеп. Се изгради полигон. Се работи на северната трибина од стадионот. За прв пат се исчистија канали после 30 години. Се асфалтира патот кон Бистрица, со завршница и опфат на селата во тој правец. Исто така целосно се среди пешачкиот дел од булеварот „1-ви Мај“ во делот кај чаршијата. После многу години се превзедоа инфраструктурни зафати во училиштата. Сместувањето на деца во градинките се зголемува, а со завршување на оваа година опфатот е околу 130 деца повеќе. Се изработија низа проектни документи со кои влегуваме во следната градежна сезона. Се уредуваа тротоари. Сумите и количините кои беа сработени до празникот на градот 4-ти Ноември, граѓаните детално може да ги видат на веб страната на Општината. Го направивме најефтиното културно лето кое по квалитет не заостануваше зад претходните, напротив. Пред потпишување на договор сме за Офицерскиот Дом.

ПУБЛИКУМ: За време на опозициските денови, Вашата партија го обвинуваше претходниот градоначалник, Владимир Талески за криминално и незаконско работење, за направени долгови “тешки“ повеќе милиони евра. Што презедовте Вие, како нова локална власт, за обелоденување и санкционирање на криминалот на Вашиот претходник? Поднесовте ли пријави до МВР или ОЈО против Талески?

ПЕТРОВСКА: Онака како сме наидувале на дискутабилни ситуации, така сме реагирале, но голем дел од работите се отворени претходно, најголем дел од архивата беше превземена од обинителството и очекувам тие да си го водат професионално својот дел од работата. Потрошивме многу време на санирање на низа наследени состојби. Мојата намера е да се посветам на она што јас сакам да го работам, не да бидам истражен орган за тоа што се случувало претходно, а што по опфат им припаѓа на други инстанци.

ПУБЛИКУМ: Еден од проблемите кои ги наследивте од Талески, што истовремено беше причина СЈО да го оформи предметот „Транспортер“, беше бесплатниот превоз на ученици. Но и покрај тоа, до ден денес ниту Вие не успеавте да најдете решение за проблемот кој ги мачи учениците, а уште повеќе нивните родители. Имате ли идеја како истиот да го симнете од “дневниот ред“?

SONY DSC

ПЕТРОВСКА: Многу работи се поместени. Општината презеде низа чекори меѓу кои и системско решавање на проблемот со превозот воопшто, не само на учениците. Се наоѓаме пред нов повик за јавен превоз во Битола. За низата неправилности кои ги воочивме, а биле правени во општината, не сакам да говорам во оваа ситуација, поради јасни причини на тековни процеси. Но она што сакам да го нагласам е тоа дека не се согласувам дека ништо не се успеало, затоа што самите промени на законот во патниот сообраќај покажуваат дека веќе во пракса носат помали трошоци. За прв пат општината со свои средства директно придонесе во решавање на проблемот, кој најголем дел од училиштата ги имаше доведено до ситуација да се со блокирани сметки и финансиски нефункционални. Конечно, времето ќе покаже дали ние сме на правиот пат во решавањето на долгогодишниот проблем на замрсени конци.

ПУБЛИКУМ: Гасификацијата, мултифункционалниот спортски комплекс, Офицерскиот и планинарскиот дом „Копанки“, беа четирите капитални проекти ветени во Вашата програма. Состојбата на терен вели дека ниту еден од нив не е поместен од мртвата точка. Можат ли Вашите сограѓани да се надеваат дека до крајот на мандатот ќе завршите некој од нив?

ПЕТРОВСКА: Се добива впечаток дека Вашето прашање не е коректно и звучи тенденциозно, најверојатно затоа што имате погрешни информации, или имате недостаток на информации. Дозволете ми да појаснам:

Прво, не беа четири туку се три капитални проекти плус останатите, а тоа лесно може да го видите во програмата. Ако четвртиот што сте го додале сметате дека е важен колку останатите три, тогаш би биле повеќе од четири.

Значи, гасификацијата е пред распишување на тендерска постапка која во Битола се издолжи, затоа што преговорите со Германија за тоа дали мора да се продолжи со потпишаните обврски за топлификација кои ги направи претходната влада, се расчистија дури во средината на оваа година и тоа не зависеше од локалната самоуправа. Второ, како што Ви кажав, за Офицерскиот Дом сме пред потпишување на договор и во следната година треба да ги имаме градежните активности, што значи далеку сме од мртва точка. Што во чекори беше правено, треба едно цело посебно интервју. Трето, со мултифункционалниот спортски комплекс сме во напредна фаза во прекуграничен проект со Р. Грција каде директно сретствата се насочени кон спортската сала.

И ајде Копанки, иако не знам зошто ги оставивте останатите, внесувајќи го овој. Копанки е во сопственост на правен субјект кој што нема врска со општината и кој што стопанисува со истиот, по некаква извршена легализација. Велам некаква, но за тоа во моментов повеќе не би говорела. Како ќе се одвиваат чекорите ќе покаже времето, бидејќи за нештата зборувам тогаш кога не се во дискутабилна фаза.

ПУБЛИКУМ: Дел од Вашата програма беше и вклучување на граѓаните во креирање на буџетот. Организирате ли јавни расправи при изготвувањето на општинскиот буџет и Деталните урбанистички планови? Генерално, сметате ли дека сте доволно транспарентни во практикувањето на градоначалничката функција?

ПЕТРОВСКА: Сѐ што се случува во општината се објавува на веб страната на општината. Всушност бевме и избрани за најтранспарентна општина. Соработувам постојано со невладините организации. Деталните урбанистички планови ги отварам во присуство на проектантот, нарачателите на истите, сите страни опфатени со конкретниот опфат на планот и претставници од општината каде сум присуствувала и јас. Впрочем, во Битола со години беа заглавени донесувањата на ДУП-ови, а за оваа година веќе се завршени два. Тоа е предуслов за развој на градот.

ПУБЛИКУМ: Имаат ли основа обвинувањата на опозицијата за Вашето, наводно, практикување на непотизам?

ПЕТРОВСКА: Прво би рекла добро нека прочитаат што е непотизам, второ, се’ што до сега отворија како прашање истражни органи го проверија и тука завршија работите, така што немам што да додадам околу тоа.

ПУБЛИКУМ: Како ја оценувате работата на опозицијата во општинскиот Совет? Има ли од Ваша страна добра волја за подавање рака и прифаќање и имплементација на нивни идеи и проекти?

ПЕТРОВСКА: Имав коректна средба со кординаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ околу нивни видувања за дадени состојби, каде согледавме дека во одредени работи имаме исти намери, што ми дава надеж дека би имале едногласна имплементација на истите. Имало и ситуации на предлози кои ги надминуваат рамките на ингеренции на локалната самоуправа и се надевам дека неприфаќањето на истите од тие причини кои ги споменувам, не ми се земале за зло.

ПУБЛИКУМ: Кои се приоритетите на кои ќе им посветите внимание во претстојната 2019 година?

ПЕТРОВСКА: Реализација на проектните документации и договори кои сме ги изготвиле во оваа година, во насока на реализирање на проектите.

ПУБЛИКУМ: Во пресрет на Новата 2019 година, која е Вашата порака до граѓаните на општина Битола?

ПЕТРОВСКА: Со искреност и критичност, а не критицизам, со личен пример, сите заедно да направиме повеќе за нашиот град. И да, пред се’, да сме здрави, живи и добронамерни.