Интервју со проф. Трајче Стафилов: Енормни количини на отпад кој содржи тешки метали е депониран на отворен простор

Интервју со проф. Трајче Стафилов: Енормни количини на отпад кој содржи тешки метали е депониран на отворен простор

Разговараше: Зоран Милошески

Трајче Стафилов е професор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Автор е на 26 монографии и 450 научни трудови со Импакт фактор, од кои најголемиот дел се презентирани надвор од границите на нашата држава. Ментор бил на 20 докторски и 56 магистерски дисертации, како и на голем број дипломски трудови. Стафилов е добитник на голем број награди и признанија, меѓу кои и највисоката награда за научно дело во нашата држава, „Гоце Делчев”.  

На покана на Друштвото за наука и уметност од Прилеп, професорот Стафилов во Градската библиотека „Борка Талески“ одржа предавање на тема „Загадување на животната средина со тешки метали“.

ПУБЛИКУМ: Професоре Стафилов, цел на Вашето последно истражување беше загадувањето на животната средина со тешки метали. Зошто се одлучивте токму за таа проблематика?

СТАФИЛОВ: Ова е актуелна тематика со која се занимаваме подолго време. Целта на истражувањето е да се утврди загадувањето во нашата држава со тешки метали. Како држава во која е развиена рударската индустрија, има и одреден број металуршки фабрики, логично е да се очекува такво загадување. Истражувањата се однесуваат на одредени региони, каде што загадувањето од овој вид е присутно. Утврдуваме со кои тешки метали и во кој обем е присутно загадувањето, кои медиуми на животната средина се загадени и до кој степен, после што предлагаме мерки за намалување и решавање на тие проблеми.

ПУБЛИКУМ: Што покажа истражувањето? Каква е состојба со загадувањето на животната средина со тешки метали во нашата држава?

СТАФИЛОВ: Состојбата со загадување со тешки метали е локализирана само на одредени региони, каде што има рударски и металуршки активности. Почнаа да се преземаат мерки против загадувањето, но тоа не било правено во минатото, така што најголемиот проблем со загадувањето со тешки метали е од таканареченото „историско загадување“, период во кој што отсуствувала свеста и легислативата за загадување на животната средина. Имаме енормни количини на отпад кој содржи тешки метали, кој е депониран без соодветни мерки на отворен простор, отпад изразен во стотици милиони тони.

ПУБЛИКУМ: Во Македонија постојат неколку региони кои што, по однос на загаденоста, често се споменуваат во негативна конотација. Каде, според Вас, е најкритична состојбата?

СТАФИЛОВ: Како најкритично загаден регион би го издвоил Велес со неговата околина, загадување кое е настанато од работата на Топилницата за олово и цинк. Таа работеше 3 децении и сега е затворена, но несоодветно и надвор од прописите. Екстремно е загадена почвата, што значи дека се произведува храна загадена со тешки метали. Загаден е и воздухот, но и депонијата на троска со огромно количество од 1,5 милиони тони, со многу висока содржина на тешки метали. Вториот регион е Пробиштип, каде што има загадување со флотационата јаловина од 70 годишната работа на рудникот и флотацијата во Злетово и Пробиштип. Има и други загадени региони, но овие два отскокнуваат по однос на критичноста.

ПУБЛИКУМ: Каков е случајот со кавадаречки ФЕНИ? Колку тој ја загадува животната средина?

СТАФИЛОВ: Не е евидентирано загадување од работата на ФЕНИ, затоа што количината на произведен никел е многу мала во однос на другите. Од друга страна, троската е многу компактна, нема растворливост на тешките метали, така што нема ризик по подземните води. Единствен проблем е загадувањето со прашина, но со реконструкцијата на филтерот во фабриката, и тој вид на загадување е намалено.

ПУБЛИКУМ: Битола е еден од најзагадените градови во државата, но досега не е утврдено во колкав процент загадувањето доаѓа од РЕК „Битола“. Дали РЕК „Битола“ е најголемиот загадувач на градот под Пелистер?

СТАФИЛОВ: Од аспект на прашина која содржи тешки метали – да! Пепелта која на годишно ниво се депонира во количина од над 1 милион тони, во последно време не беше депонирана на најсоодветен начин. Не онака како што е предвидено, но има најава дека наскоро ќе отпочне нејзино правилно депонирање и покривање. Ние реализиравме ИПА студија, со која го утврдивме обемот на дистрибуција на оваа прашина, при што констатиравме дека најголемиот проблем се јавува со нејзиното несоодветно покривање. Затоа, мерките за заштита треба да бидат насочени таму, што значи и да се спречи емисијата на прашината, но и да се елиминира можната радиоактивност.

ПУБЛИКУМ: Во таа смисла, колку ќе помогнат новите филтри кои, според најавите, наскоро треба да бидат поставени?

СТАФИЛОВ: Секако дека ќе помогнат, исто како што ќе помогне и погонот за десулфуризација кој што е планирано да се постави, бидејќи нашиот лигнит содржи околу 1% сулфур. Оттаму, ако се согоруваат 10 милиони тони лигнит, може да се пресмета за колкави количини на емитиран сулфур диоксид станува збор.

Прочитајте повеќе

Сите македонски претседатели - од Глигоров до Пендаровски

Сите македонски претседатели – од Глигоров до Пендаровски

Од 1991 година досега, петмина претседатели избрани од парламентот и од народот ја имале привилегијата …