Градовите може да станат одржливи и да бидат подобро место за живеење доколку се искористи креативноста на инженерите, беше констатирано на денешното одбележување на Светскиот инженерски ден во Комората на овластени архитекти и овластени инженери (КОАИ).
„Како што инженерите проектираат и градат објекти и сообраќајници, треба и да понудат решенија за намалување на загадувањето како најголем предизвик во урбаното живеење, но потребна е финансиска поддршка на нивните идеи. Инженерската фела апелира и што поскоро да се усвојат еврокодовите. Се поголем предизвик е и малиот интерес за инженерски студии, но и масовниот одлив на диплоираните инженери“, рече професор Миле Димитровски, претседател на КОАИ.
Според него, голем дел од тоа како ќе се одвива животот во градовите зависи од архитектите и инженерите, но и од однесувањето на граѓаните кои живеат во тој град.
За претседателот на Комората, инженерите се единствените кои можат да направат нешто во справување со загадувањето бидејќи дел од објектите, технологиите, средствата и опремата, нивното функционирање и одржување се инженерска работа, па затоа тие се оние кои проблемите можат да ги решаваат на местото на нивното настанување.
„Индустриските капацитети, возилата, прашината од градба, депонииите, одржување на хигиена во градовите и сл. се места на создавање на загадувањето со цврсти честички и ние треба да ги решиме. Мислиме дека инженерите имаат капацитет да ги решаваат проблемите, но треба да се најдат финансиски средства за поткрепа на таквите проекти. И граѓанските организации имаат своја улога, но кога ќе му дадете на некој да го решава проблемот со сообраќајот, тоа треба да биде сообраќаен инженер, ако е проблемот од машинство на машинец, ако е од урбано планирање, урбан планер, ако е од електротехника на електринженер итн. и тие ќе ги направат сите зафати за смалување на загадувањето,“ рече Димитровски.
Анастасија Трајковска, од одделението на архитекти при Комората, ја потенцираше важноста од интердисциплинарен пристап на сите инженери за подобар живот во градовите.
„Имајќи предвид што основните цели на одржливиот развој се подобрување на животната средина, заштеда на енергијата и контрола на урбанот развој, ова не инволвира сите нас инженери кои сме дел од Комората да настапиме интердисциплинарно за да можеме да ги направиме нашите градови поодржливи, попријатни и да ни обезбедат подобри услови за живот. Ваквите можности во нашата земја согласно со законската регулатива не се многу големи,“ изјави Трајковска.
Професорот Петар Цветановски вели дека е направена хармонизирана регулатива на ниво на ЕУ за да може проектите да бидат компатибилни и да може некои инженери од која и да било европска држава да проектираат каде било во Европа, со тоа што ќе се повикуваат на параметри карактеристични за таа земја, но принципот на работа, теркот е хармонизиран за сите.
„Градежните инженери бараат што е можно поскоро со одлука да бидат ставени во употреба еврокодовите, кои веќе се доставени до Владата и кои отвораат многу нови можности за инженерите, вели раководителот на професионалното одделение на градежните инженери,“ рече Цветановски.
Извор: МЕТА