Иран: Војната турка милиони Иранци во сиромаштија

Иран: Војната турка милиони Иранци во сиромаштија

Повеќе од 93 милиони луѓе во Иран живеат во сенка на војна која што би можела во секое време повторно да се разгори. По привремениот неуспех на мировните преговори меѓу САД и Иран во Пакистан, САД почнаа да го блокираат Ормускиот Теснец со што сакаат да ги пресечат иранските приходи од извозот на нафта и Техеран да се спречи во наплатата на патарини за премин низ мореузот. Блокадата подразбира и дека во иранските пристаништа веќе нема да пристигнуваат стоки заради што многумина во  Иран се плашат дека може да им претстојат уште потешки денови.

Ескалација и хуманитарната ситуација во војната

„Продолжувањето на војната, без разлика дали на воено ниво или во форма на блокади со регионални тензии, врши најголем притисок врз обичните луѓе, особено врз работници, наставници и другите вработени“, одговара синдикалецот Исмаил Абди на прашање на ДВ. Наставникот и активист за човекови права беше член на одборот на Иранското здружение на наставници кога пред единаесет години поради заложбите за правата на наставниците се најде во фокусот на иранските власти. Заради наводна „пропаганда против политичкиот систем“ Абди повеќе години од животот ги мина во затвор. По меѓународниот притисок, особено од синдикатите ширум светот, Абди на крајот беше ослободен. Од март 2025 година тој живее во егзил во Германија, од каде што продолжува со ангажманот за правото на образование и слободата на изразување. „Во изминатите недели добиваме потресни извештаи за страдањето на работничката класа во воени услови во Иран“, додава тој. „Кога фабрики, работилници или услужни дејности секнуваат или обемот се намалува, работниците кои се ангажирани со договор на дело, надничарите и оние во неформалниот сектор се првите на удар. Таквиот процес ја заслабува преговарачката моќ на работниците и платите ги тера кон вистински пропаст“, вели Абди. Војната има разорно влијание врз иранската економија, која и онака страда од лошо управување, корупција и санкции. Техеран штетата од војната до овој момент ја проценува на еквивалент од околу 229 милијарди евра, при што според властите се работи за прелиминарна проценка, рече на 14 април портпаролката на иранската влада Фатемех Мохаџерани во интервју за руската државна новинска агенција РИА Новости. Фактичкиот обем на штетата врз најголемите индустриски постројки, кои служат како мотор на економијата, сè уште не е познат.

Десетици илјади надничари без работа

Фирмата за челик „Мобараке” од Исфахан, која што е најголемиот производител на челик во земјата, беше принудена целосно да го прекине производството по вториот американско-израелски напад.  САД  и  Израел  велат дека  нападите  ги ослабнале воените капацитети на Иран. Челикот навистина е клучна суровина за производство на воена опрема како ракети, дронови и бродови, но тој истовремено игра клучна улога во цивилната индустрија, како добавувачи за автомобилската бранша, производство на апарати за домаќинство и производство на пакувања и конзерви.

Иран Караџ 2026 | Уништен мост Б1 по воздушните напади на САД и Израел
Без производство на челик, земјата не може да ја обнови уништената инфраструктура

Челикот е неопходен и во градежништвото, на пример за покриви. Челичната индустрија се смета за еден од најважните двигатели на иранската економија. Според Светската асоцијација за челик, Иран во 2025 година беше меѓу десетте најголеми производители на челик во светот, заедно со земји како Кина, САД и Германија – и експортира приближно 31,8 милиони тони челик годишно. Меѓу март 2025 и јануари 2026 година се генерирани приходи во висина од 860 милиони американски долари (741 милион евра). Со прекинот на производството, илјадници работници беа испратени дома и неизвесно е колку време ќе останат без работа. Најмалку 10 илјади вработени во челичната индустрија се дневни работници. Застојот во производството може да предизвика и верижна реакција, принудувајќи десетици други компании да престанат со работа.

И бомбардирањето на петрохемиските фабрики ќе има огромно влијание врз пазарот на трудот, анализира Умуд Шокри, енергетски стратег и виш визитинг соработник на Универзитетот Џорџ Мејсон. Нападите врз клучни петрохемиски центри во Асалује, Махшахр и Шираз предизвикаа значителна штета и го прекинаа работењето на бројни фабрики. Во индустриските центри како Махшахр, каде што работат повеќе од 30 илјади луѓе, многумина сега се соочуваат со ненадејна загуба на работното место и прекин во исплата на платите, пишува Шокри на прашање од ДВ и додава дека „штета не е нанесена само на објектите, туку влијае и на синџирите на снабдување, на државните приходи и основата за егзистенција на населението“. Дури и под оптимални услови, проценките од споредливи индустриски комплекси покажуваат дека реконструкцијата на голем центар како Махшахр би можела да трае околу две години, пишува Умуд Шокри. Но за такво нешто на земјата ѝ е потребен подобрен пристап до странска технологија, капитал, резервни делови и техничка експертиза – предуслови што со актуелните санкции тешко може да се исполнат.

Растечка сиромаштија

Губењето на работните места во индустријата веќе доведе до  широко распространета несигурност. На 14 април иранската новинска агенција за труд ги отпушти сите свои новинари од работа и се престрои на хонорарни работни места. И многу други компании веќе отпочнале со масовни отпуштања како на пример секторот за дигитални услуги со платформи како Снап, честопати нарекувани „иранскиот Убер“. Ваквите услуги функционираат и покрај континуираното блокирање на интернетот што го наметнаа властите од почетокот на војната за да се спречат потенцијални протести. Но заради војната сѐ помалку луѓе се во движење, а многумина едноставно немаат пари за тоа. „Само со ограничувањата на интернетот илјадници фриленсери, програмери и производители на содржини веќе немаат можност да работат и се принудени да се вратат на традиционалниот и онака кревок пазар на трудот“, вели синдикалецот Абди. „На краток рок ситуацијата води кон намалување на реалните приходи и зголемена сиромаштија на работниците. На долг рок се заканува настанување на експлоатирано, помалку квалификувано и позависно општество“, вели тој. Абди предупредува дека војната првенствено ќе доведе до растечка сиромаштија и поголема несигурноста за ранливите групи во општеството.  „Војната мора да заврши  пред да станат непоправливи нејзините човечки и социјални трошоци“, апелира Абди, кој не се откажува од сонот за политички пресврт во Иран. Но, на народот во Иран се чини дека не мисли никој – ниту раководството на Исламската Република, кое сака да остане на власт, ниту претседателот на САД, кој вети поддршка. Од почетокот на војната која траеше од 28 февруари до 8 април, од кога важи  кревкото двонеделно примирје, 3.636 луѓе се убиени во Иран, според податоци на американската организација за човекови права ХРАНА. Од нив 1.701 се цивили, меѓу кои најмалку 254 се деца.

Извор: DW