Ирската кинематографија за првпат претставена во Македонија во рамки на фестивалот „Киненова“

Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, синоќа во рамки на својата редовна програма за првпат ја претстави современата ирска кинематографија во Македонија, во присуство на Амбасадорот на Ирска за Романија, Македонија и Молдавија, Пол МекГери, евроамбасадорот Дејвид Гир, амбасадорите на Франција и Шведска, Сирил Бомгартнер и Матс Стагансон и бројни претставници на дипломатскиот кор и љубители на филмската уметност.

Директорот на МФФ „Киненова“, Небојша Јовановиќ, во Кинотеката на Македонија истакна дека овој настан е од големо значење, поради тоа што претставува прво претставување на ирската кинематографија во земјава.

„Вечерва го отвораме овој фестивал на ирскиот филм со, по многу нешта особениот филм „Привлечен ѓавол“ на ирскиот режисер Џон Батлер, а во следните денови на Телевизија 24 ќе се емитуваат останатите филмови – „Во предна линија“, „Каубои и анѓели“ и моќниот документарен филм „ГЛАД“ каде наратор е познатиот актер Лијам Нисон. Досега Ирска ја препознававме по зелените полиња, културата, традицијата, ирското виски и поп-музиката, но од вечерва ќе уживаме и во современата ирска кинематографија“, истакна Јовановиќ.

Амбасадорот на Ирска за Романија, Македонија и Молдавија, Пол МекГери, истакна дека се радува што помалите земји преку сопствената кинематографија имаат можност да ја пренесат својата порака низ светот. Тој го издвои документарниот филм „ГЛАД“, кој зборува за гладот во Ирска и во кој е прикажан вистински настан од периодот 1845-1850 година, и кој е значаен за промената на историјата на Ирска.

„Секое општество се соочува со предизвици, па така и Ирска има проблем со невработеност, миграции, а сето тоа произлегува од потрагата на луѓето за подобар живот некаде надвор. Оваа појава е присутна во повеќе држави, општествата постојано се менуваат и во прилог на ова би го споделил со вас податокот дека 60 % од Ирците не се раѓаат во Ирска. Филмовите постојано ги рефлектираат промените во светот, па така и преку современата ирска кинематографија ќе забележите дека Ирска станува сè поотворено општество, па од конзервативна држава, таа сега е отворена кон геј правата и има одобрено истополови бракови“, истакна амбасадорот МекГери.

Тој потенцираше дека „главен архитект“, односно фактор што ја променил Ирска била Европската унија и дека со пристапот во ЕУ се промениле многу работи во земјата.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Гласовите на поп ѕвездите одекнаа против насилството врз жени и девојчиња

Македонските поп ѕвезди лансираа песна што ќе ги обедини нашите гласови за ставање крај на …