Истражување: Само 38 отсто од општините годинава дале отчет кон граѓаните

Истражување: Само 38 отсто од општините годинава дале отчет кон граѓаните

Во 2020 година само 38 отсто од општините дале отчет кон граѓаните за преземените и спроведени активности во 2019 година, покажува новото истражување на Центарот за економски анализи (ЦЕА) со наслов „Фискалната транспаретност на општините во Северна Македонија“.

„Ова укажува на ниска свест на општините за нивната отчетност за сработеното во минатиот период. Честопати, општините се повикуваат дека годишниот извештај за работењето на општината е доволен доказ за да им се даде отчет на граѓаните. Годишните извештаи се обемни и содржат голем број на информации и граѓаните не го сметаат за ефикасен канал на информирање“, се вели во студијата.

Од ЦЕА утврдиле дека помалите општини водат пракса на давање отчет преку собирање на граѓаните и презентирање на проектите или информирање преку локалните медиуми, што е исто така добар канал за комуницирање со јавноста. Како добри примери за давање отчет кон граѓаните, се општините од Источен (64 отсто од општините), Пелагониски (56 отсто од општините) и Вардарски регион (56 отсто од општините).

Истражувањето покажало дека фискалната транспарентност на општините во РСМ генерално е подобрена во фискалната 2019-2020 година во однос на изминатите фискални години (2014-2015, 2016-2017, 2017-2018).

„Според индексот на достапност на буџетските документи, во фискалната 2019-2020 година, единиците на локална самоуправа Прилеп и Град Скопје ги имаат максималните бодови на буџетска транспарентност. Тие се првите две единици на локална самоуправа кои се целосно транспарентни во поглед на фискалната транспарентност во периодот од 2014 – 2020 година“, велат од ЦЕА.

Истражување: Само 38 отсто од општините годинава дале отчет кон граѓаните

И оваа година, завршната сметка и усвоениот буџет се најдостапни буџетски документи кај општините на нивните веб страници.

„Подобрувањето на достапноста на буџетските документи може да се види и од бројот на документи кои сè почесто се достапни преку веб страниците на општините, а помалку преку Барање за информации од јавен карактер. Од аспект на планските региони, подобрување на буџетската транспарентност на регионално ниво има во сите региони освен во Југоисточниот регион каде има уназадување на просечниот регионален индекс на буџетска транспарентност, што укажува дека општините од овој регион помалку се отворени кон граѓаните. Општините од Источниот регион, се најтранспарентни на регионално ниво споредено со другите региони“, пишува во студијата.

Кога станува збор за постапување по основ на барање за информации од јавен карактер, општините се релативно слабо респонзивни.

„Оваа година, општините се помалку респонзивни во однос на претходните години. 61 од 81 ЕЛС доставиле одговор од кои 16 од нив го пробиле законскиот рок од 20 дена за достава на одговор. Имено, иако најголем број од општините одговориле сепак, тие се должни да постапат по основ на примено барање за информации од јавен карактер. Праксата со општините за доставување на одговор не завршува со испраќање на едно барање. Неколку дена пред истекот на законскиот рок, барањето повторно им се испраќа и непосредно пред истекот на рокот, тие телефонски се контактираат. Оттука, свесноста на општините за нивната респонзивност е сведена на префрлање на должноста за постапување од едно кон друго лице, што се должи на низок менаџмент и комуникација во самите општини, што сето тоа доведува кон перцепција на неотворена и неодговорна општина“, велат од ЦЕА.

Оттаму укажуваат дека отвореноста на општините за вклучување на граѓаните во креирање локални политики е тесно поврзана со транспарентноста, која додава дополнителна вредност и перцепција дека општините го слушаат гласот на граѓаните.

„Во фискалната 2019-2020 година само 33 отсто од општините спровеле форум на кој биле вклучени граѓаните. Општините најчесто спроведуваат форуми за дефинирање на приоритети во буџетите за следната година, односно спроведуваат буџетски форуми за граѓаните. Од друга страна, мал е бројот на општините кои имаат пракса покрај буџетските форуми да спроведуваат и форуми за локален економски развој (ЛЕР) на кои граѓаните имаат можност да ги искажат идеите и ставовите поврзани со економијата на локално ниво. Најголем број од општините кои спроведуваат форуми за вклучување на граѓаните се од Североисточниот (50 отсто) и Пелагонискиот регион (44 отсто). Како добри примери за вклучување на граѓаните во форуми за локален економски развој се општините Битола, Илинден и Ново Село“, се вели во студијата.

Во неа, како главни предизвици кои треба да се надминат се потенцирани воспоставувањето на механизми и процедури за редовно организирање на јавни дебати и процес на консултации пред донесување на буџетот како и воспоставување на механизми за информирање и партиципирање на граѓаните во буџетскиот процес.

Потоа, целосно и детално објавување на буџетските документи и извештаите за извршување на буџетот, како и подготовка и пракса на редовно објавување на граѓански буџет како публикација која ќе ги информира граѓаните за планот на буџетски приходи и расходи за тековната година.

Од ЦЕА препорачуваат консултации и континуирано надградување на капацитетите на вработените во општините за подготвувањето и презентирањето на буџетските документи и информации и одржување функционални веб страни кои ќе бидат платформи за активна комуникација и информирање на граѓаните.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

СДСМ лого

СДСМ: Во новиот мандат европски систем за правда и целосен ветинг во новиот мандат

Соопштение за јавност на СДСМ Клучна определба во новиот мандат на СДСМ е европски систем …