микропластика

Истражување за првпат откри присуство на микропластика во човечка крв

Ново истражување објавено во научното списание Environment International за првпат открива дека загадување со микропластика е откриено во човечка крв, објавува весникот Гардијан. Научниците откриле ситни честички кај 80 отсто од тестираните лица во истражувањето, додавајќи дека микропластиката може да патува низ телото и да се смести во човечки органи.

Сепак, како честичките микропластика влијаат врз човечкото здравје е прашање коешто и понатаму останува неодговорено. Научниците засега искажуваат загрижување дека микропластиката во лабораториски услови предизвикува оштетување на човечки клетки, додека за загадувањето на воздухот веќе е докажано дека предизвикува прерана смрт на милиони лица ширум светот.

Научниците во ова истражување анализирале примероци од крв на 22 анономни лица, при што сите лица вклучени во примерокот биле без пријавени болести. На крајот од истражувањето, кај 17 од нив биле откриени честички микропластика во нивната крв. Притоа, половина од испитаниците имале честички од ПЕТ пластика во нивната крв, кај една третина во крвта е констатирано присуство на полистирен, додека една четвртина од испитаниците во крвта имале честички полиетилен. Овие три состојки се наоѓаат во пластични ќеси, шишиња, пакувања за храна и други пластични производи.

Станува збор за пионерска студија, која што ќе треба во иднина да се надополнува со други истражувања коишто ќе треба да го откријат степенот на сериозност и последиците од присуството на микропластика во човечката крв.

Весникот Гардијан во изминатиов период веќе објави истражувања дека микропластиката го контаминира целиот свет, вклучувајќи ги и највисоките планински врвови и длабоките води во океаните, како резултат на создавањето огромни количини пластичен отпад што се распаѓа во природата. Веќе е познато дека луѓето можат да внесат честички микропластика преку храна и вода, како и преку нивно вдишување, а досега се пронајдени траги од микропластика и во изметот на бебиња и возрасни лица.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

поточиња 2024

Поточиња викендов седум пати ја наполнија Филхармонија

Новото издание на детскиот фестивал Поточиња кое се одржа викендов во Македонска Филхармонија привлече огромен …