Италијанска истрага за „снајперистите - туристи“ во Сараево

Италијанска истрага за „снајперистите – туристи“ во Сараево

Повеќе од три децении по опсадата на Сараево, италијанските обвинители отворија истрага што би можела да расветли еден од најмрачните и најмалку познати аспекти на војната во  Босна и Херцеговина – приказната за „туристи снајперисти“, странски државјани кои наводно плаќале за да пукаат во цивили во опколениот град.

Истрагата е покрената по пријава на италијанскиот новинар и писател Ецио Гавацени, кој на обвинителите во Милано им достави документи и сведоштва собрани во текот на неколкугодишно истражување. За Н1 Гавацени изјави дека документарецот „Сараево Сафари“ бил почетна точка за неговата работа. Истрагата во моментов се води против непознати сторители, но италијанското правосудство би можело да дојде до конкретни имиња. „Имав контакти со луѓе, меѓу кои и член на босанските разузнавачки служби за време на опсадата на Сараево, кој сведочеше за групи италијански ‘туристи снајперисти’ кои доаѓале на ридовите за да пукаат во цивили“, тврди Гавацени. Обвинителството во Милано истрагата ја довери на специјалната единица на Карабињерите РОС, позната по својата работа на сложени меѓународни случаи. Италија така стана првата земја што започна судска истрага за „викенд снајперистите“.

Сведоштво на поранешен разузнавач

Поранешниот разузнавач на босанската армија, Един Субашиќ, кој во филмот „Сараево Сафари“ зборува за странци кои плаќале за да пукаат во цивили, опишува настан од 1993. година – испрашување на заробен волонтер, кое, како што тврди, открило постоење на странски „туристи снајперисти“. „Затвореникот, 20-годишник од Параќин, рекол дека во Босна дошол со група доброволци од Белград на покана на Српската радикална партија. За време на ноќното возење до Пале во автобусот забележал пет странци кои имале посебен статус и биле добро опремени. Според неговите наводи, тројца биле Италијанци – еден од Милано – додека другите двајца не го откриле својот идентитет“, вели Субашиќ. Според него, мажите не биле платени да се борат во војната, туку плаќале војската на босанските Срби да им овозможи да пукаат во цивили – што тој го опиша како „сафари на луѓе“.

Поранешниот разузнавач на Армијата на БиХ, Един Субашиќ, сведочеше во филмот „Сараево Сафари“
Поранешниот разузнавач на Армијата на БиХ, Един Субашиќ, сведочеше во филмот „Сараево Сафари“

Федералната телевизија ги пренесува тврдењата на Субашиќ, дека за време на војната собирал информации за Италијанците кои учествувале во снајперските напади врз Сараево. „Пронајдени се имињата на некои сторители, а натамошната истрага би можела да расветли како биле организирани патувањата, плаќањата и враќањето на учесниците“, вели Субашиќ. ФТВ исто така пренесува дека имало „специјален ценовник“ и износот на надоместокот зависел од тоа „кој бил целта – маж, жена, трудница или дете“.

„Викенд четници“ и сеќавањата на преживеаните

Жителите на Сараево ги нарекувале „викенд четници“ – оние кои, без разлика дали плаќале или биле платеници, на викенди доаѓале на бојното поле. Џемил Хоџиќ имал десет години кога го загубил својот брат Амел, 16-годишник кој бил убиен во 1993 година од снајперист од Шпицаста стена, позиција контролирана од армијата на Република Српска. Денес Џемил го води проектот „Фото сокак на снајперисти“ и серијалот „Приказната зад фотографијата“, во која сведочи за  животот под опсада.  „Имаше гласини дека луѓе доаѓаат однадвор. Знаеме за платеници и доброволци од Русија и Грција, како и од српската дијаспора. Германскиот фоторепортер Петер Кулман во нашиот серијал опишува средба со Срби кои доаѓале од Германија само на два дена, за – како што тврделе – „да ја бранат својата земја“. Тие пристигнувале во петок по работа и се враќале доцна во недела за да стасаат на работа во понеделник“, вели Хоџиќ за ДВ. Не се знае дали овие луѓе плаќале за да убиваат или биле платени, но нивната снајперска активност „оставила  крвави траги на улиците на Сараево“,  вели Џемил. „За жал, убијците и снајперистите кои нè убиваа четири години сѐ уште се на слобода. Нашето обвинителство не презема ништо по тоа прашање. Се плашам дека и овој случај од Италија наскоро ќе исчезне од медиумскиот простор, сè до некое ново откритие“, предупредува Хоџиќ.

Токача: „Ако се случувало, не може да остане скриено“

Директорот на Центарот за истражување и документација во Сараево, Мирсад Токача, за ДВ вели дека анализите на страдањата на цивилните жртви покажале дека снајперскиот оган одзел меѓу 300 и 350 животи на подрачјето на десет општини во Сараево. „Речиси сите се цивили, вклучувајќи и деца“, наведува тој. Иако нема конкретни податоци за „туристите снајперисти“, Токача истакнува дека постои документирано учество на странски платеници во редовите на ЈНА и ВРС.

Цивил бара засолниште во опколеното Сараево во БиХ, 1992 година
Истрагата е покрената по извештајот на италијанскиот новинар и писател Ецио Гавачени, кој достави документи и сведоштва собрани за време на повеќегодишна истрага до обвинителството во Милано

„Во нашата база на податоци регистрирани се околу 300 луѓе од Грција, Русија, Украина и други земји кои се бореле во состав на српската армија“, вели тој. Со временска дистанца од три децении, вели тој, вистината сепак излегува на виделина. „Ако нешто навистина се случувало, тоа не може да се скрие. Некој порано или подоцна ќе проговори – или учесниците, ако имаат совест, или оние што го организирале сето тоа“, вели Токача. За него „фактот дека италијанското судство сега го истражува случајот сугерира дека постојат одредени податоци што потврдуваат облик на брутален и нехуман третман на цивилите во опколениот град.“

И порано биле поднесувани пријави

Веста за „снајперисти туристи“ предизвика силен одѕив во медиумите бидејќи тоа би можело да биде прво судење на европски граѓани кои, надвор од формалната воена хиерархија, но со поддршка или знаење на силите на босанските Срби, учествувале во воени злосторства во Босна и Херцеговина. Поранешната градоначалничка на Сараево, Бенјамина Кариќ, во врска со случајот порано има поднесено пријава до босанското обвинителство, но како што тврди Гавацени, тоа било „заташкано“. И додека истрагата во Италија е во тек, во Босна и Херцеговина, според сведокот Един Субашиќ, случајот стои веќе три години. Субашиќ за ДВ вели дека со истите докази италијанското обвинителство во Милано отворило истрага. „Станува збор за политички насочена неактивност во предметите во кои се обвинети членови на ВРС, а обвинителката Маријана Чобовиќ ја опструира истрагата, иако понудив да сведочам и да дадам низа докази“. Доколку се докажат наводите во италијанската истрага, тоа ќе биде прв случај во кој европски граѓани ќе одговараат за учество во снајперскиот „лов на луѓе“, еден од симболите на злото кое Сараево го трпеше за време на најдолгата опсада во модерната историја.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

„Кој е следен?“ најави јавен онлајн состанок пред Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот

„Кој е следен?“ најави јавен онлајн состанок пред Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот

Протесното движење „Кој е следен?“ ќе присуствува на седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита …