Иван Ајнштајн, јутјубер: Секој има еднакви можности, само треба паметно да ги искористи (видео)

Иван Ајнштајн, јутјубер: Секој има еднакви можности, само треба паметно да ги искористи (видео)

Со 42 илјади седбеници на Јутjуб, Иван Ајнштајн е еден од најпознатите јутjубери во нашата држава. Продуцира различни содржини, но исто така се занимава и со музика. Со него ја започнуваме серијата интервјуа со познати фаци од социјалните медиуми. Откако ќе го погледнете спотот, прочитајте што ни кажа Иван на темите на кои му поставивме прашања.

Каналот Иван Ајнштајн е еден од првите Јутјуб канали на Македонската Јутјуб сцена, колку време создаваш видеа за оваа платформа и со какви содржини се занимаваш?

– Па, скоро 4 години. Снимам све шо ми е мерак, некогаш нешто што ми се исплати али мислам дека највеќе ми е мило што Јутјуб ми е као еден бесплатен хард диск кај што си ги чувам сите спомени, особено од патувања, само што се склопени на начин да бидат интересни и други луѓе да ги гледаат, не само сам да си ги прегледувам дома ко VHS касета од свадба.

Што те мотивира да правиш Јутјуб видеа?

– Ми дава можност да си ја изразам креативноста. Не се осеќав дека припаѓам тука, али ме зезнаа луѓето шо ме приметија уште на старт и ме убедуваа дека тоа шо го праам е добро иако ја мислев дека е… мех. Така да, не зборите дека Македонците не знаат да поддржуваат артисти. Мене никој да не ми кажеше на старт дека ги цени моите дела, ја ваљда немаше да снимам, не знам, немав толку мерак од почеток, ми се створи со тек на време. Имав малку поинакви соништа, али сфатив дека ме бива за ова, па викам зашо да не си го искористам и да си го прилагодам на моите соништа. Успешно е, so far!

Каква е според тебе состојбата на Јутјуб заедницата во нашата држава?

– Моментално не постои никаква Јујтуб заедница, што е доста критично за Јутјубот во целина, но и онака првичната цел на Јутјубот е самопромоција така што можеби не е ни потребно да се наметнуваат соработки по секоја цена без желба на артистите.

Дали во нашата држава јутјуберството може да биде самостојна професија?

– Секаде постојат пари, само треба да се открие начин да се заработат. Можеби оваа професија од страна личи на „цинцири – минцири“, но тоа е затоа што сè уште не е добро проџвакана, а мнозинството во нашата држава е навикнато да го јаде само тоа што му е сервирано. Секој е способен да зготви сам и сам си бира дали ќе спржи јајца или ќе се замара да праи lava cakes. Нормално, опасноста да ги утнеш колачињата и да останеш без јадење е поголема, ама па повкусни се бе мме.

Дали создаваш или си размислувал да создаваш содржини за општествено битни прашања?

– Повеќе се фокусирам на хумор, затоа што, пред сè, таков тип на чоек сум, а и сум забележал добар фидбек, али меѓу редови дискутирам за многу битни теми. Нормално, не сум професионалец да давам стручни мислења, но се градам како јавна личност на која не може да ѝ се зема сè здраво за готово, но сака да ѝ биде испочитувано личното мислење. Сите сме луѓе и не можеме да очекуваме сите исто да размислуваме, но сметам дека е фер секој да го искаже својот став на било која тема и да сака. Никогаш не сум ги присилувал луѓето да се согласуваат со мене, ниту пак сум ги терал на сила да ги интересираат истите работи што ме интересираат мене. Затоа, секој си има право на избор ДАЛИ ќе се интересира за нешто и КАКОВ ќе биде неговиот став на таа тема.

Како млад човек кој константно креира јавни содржини во кои го искажуваш своето мислење, дали сметаш дека гласот на младите е доволно слушнат во општеството и дали општеството им посветува доволно внимание на младите?

– Тука можда се очекува од мене да јадам гомна со револуционерни мудрости, али искрено, мислам дека секој има подеднакви можности за напредок, само треба паметно да ги искористи вештините што ги поседува, а да не се лажеме, секого го бива за нешто. Особено денес, секој е свесен дека треба да се вложи во маркетинг ако сака квалитетот да му биде забележан. И не постојат изговори. Ако сакаш да те види народот ќе се трудиш и ќе најдеш начин! Не би можел да генерализирам дали гласот на младите е чуен или не и не може да се обвини општеството ако на некој не му се обрнува доволно внимание. Ако некој се чувствува запоставено може да поработи на тоа да го заинтересира народот за неговата тема. Не велам дека е едноставно, но пак ќе кажам, не може да очекуваме секогаш сè да ни биде на тацна.

Дали сметаш дека на младите им се важни (и дали се доволно ангажирани за) општествено битни прашања, како на пример: загадувањето, системот на образование, здравството, инфраструктурата…? Или можеби повеќе ги интересираат поповршни теми и забава?

– Сосема е нормално секој да си гледа за себе и да го прави исклучиво она што му е интересно, затоа што животот е прекраток за сите да се замараме со, условно кажано, сериозни теми. Апсолутно го поддржувам тоа! Но, ова е баш тоа што јас го комбинирам во мојата содржина. Тргнувам од тоа дека никој не го боли за моето мислење, али ако јас тоа го направам интересно за гледање, додадам заебанции во сета таа сериозност, можам да го одвлечам вниманието на многу поголема публика. Ми текнува, во забавиште, ги учевме основните правила на предност во сообраќајот и учителката ни даде улоги на коли и пешаци и преку игра ни објасни кој кога треба да помине. Да седнеше учителката и безволно да ни ги кажеше правилата, можда мене ќе ме изгазело кола. Учителката нашла начин таа сериозна тема да ни ја направи интересна, иако за 5 годишно дете е страшно досадна. Затоа, дури и во видеата кога разработувам битни прашања, се трудам сето тоа да биде забавно за да го задржам вниманието на луѓето и е многу поверојатно дека така ќе го чујат моето мислење. Никој не сака да слуша досадни предавања. Луѓето сакаат да се забавуваат, а креативноста има моќ да го претвори светот во детско игралиште.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Филхармонија

В четврток концерт „Светлина“ во Филхармонија

За првпат во Македонија, Станко Мадиќ ќе го изведе концертот за виолина и оркестар број …