Социјалистичката партија (ПС) на премиерот Еди Рама убедливо победи на парламентарните избори во Албанија. Според официјалните резултати од гласањето во околу 95 насто од избирачките места, објавени денеска од изборната комисија во Тирана, ПС добила околу 52 проценти од гласовите на гласањето во неделата. Конзервативната Демократска партија (ДП) на поранешниот премиер Сали Бериша се најде на второ место со нешто над 34 проценти.
Така, Рама и неговите социјалисти успеаја да го подобрат резултатот од изборите во 2021 година за неколку процентни поени. Со очекувани 82 од 140 места во парламентот, тие ќе имаат многу удобно владино мнозинство.
Ова би требало да му овозможи на 60-годишниот Рама во својот четврти премиерски мандат да ја продолжи својата цел за приклучување кон ЕУ во 2030 година. Сепак, многу експерти сметаат дека овој термин е премногу оптимистички.
Изборите не биле слободни и фер?
Меѓународните набљудувачи на изборите предводени од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) изразија сомнежи дека парламентарните избори биле слободни и фер. За време на изборната кампања, имаше „злоупотреба на јавните ресурси и институционалната моќ од страна на владејачката партија“. Покрај тоа, примени се „бројни пријави за притисок врз владини претставници и други гласачи, како и случаи на заплашување“.

Албанија е членка на НАТО од 2009 година и веќе околу три години преговара со Европската Унија за приклучување кон Алијансата. Балканската држава е официјален кандидат за членство од 2014 година.
Влијателна мрежа
Рама е на власт од 2013 година и беше фаворит на изборите. Неговиот успех делумно се темели на влијателната мрежа што ја изгради во текот на дванаесет години на власт. Противниците го обвинуваат дека управува со земјата преку систем на фаворизирање и дека направил малку за борба против корупцијата и невработеноста. Рама го негира ова.
Рама може да го смета за успех тоа што, според Светската банка, албанската економија во последните години расте побрзо отколку во другите балкански земји. Причините за ова се трговијата на Албанија со ЕУ и туристичкиот бум.
Извор: DW