Избори во СДСМ – запирање на тонењето или чекор поблиску до амбисот?

Избори во СДСМ – запирање на тонењето или чекор поблиску до амбисот?

Пишува: Зоран Милошески

„Вие сте осудени да живеете во состојба на пропаѓање. Не, не на пропаст, да се разбереме. Пропаста е дефинирана состојба. Ни на благосостојба од која сте далеку. Туку на постојано и постојано пропаѓање. Во истите дупки, на ист начин. Повторно и повторно, упорно и тврдоглаво. Никогаш не извлекувате никакво искуство. Тоа станува смешно.”

„Диво месо“, Горан Стефановски

Се изморивме од чекање и од барање трпение за нови почетоци.

Чекавме сопствена држава, евроатлантски интеграции, демократско општество, одговорна локална власт, способни градоначалници, вработување за младите, достоинствен животен стандард, посреќна иднина, подобро утре…

Се менуваше власта. Се менуваа лидери и квази лидери. И секоја нивна порака до нас, простосмртните, беше со назнака дека државата и граѓаните ги чека светла иднина. Која само што не дошла. А од нас се бараше да се стрпиме уште малку. Уште само малку.

И имавме трпение. Чекавме и на новоизбраните им верувавме. Дека сега, со нив, конечно ќе ни тргне.

Факт е дека меѓу нив имаше и такви – ретки, кои покажаа искрена желба работите во државата да ги променат на подобро. Некои од нив прерано се откажаа, други изгореа во намерата. Не разбраа дека со првото простување на грешките на функционерите, кои немаат право на грешка, покажаа непринципиелност а со нивното неказнување и неменување, ги охрабрија далаверџиите и ловците во матно да продолжат со истата навика. Само, со уште посилно темпо.

Штотуку избраниот премиер и прв социјалдемократ, има од кого да учи. Првенствено од грешките на претходникот, изразени преку споменатата преголема толеранција за партиските и државните функционери, но и за неразумната достапност за секој кој наумил да прави селфи во премиерскиот кабинет.

Чекавме сонцето да не’ угрее и на локално ниво. Да живееме во урбани средини со широки булевари, велосипедски патеки, чиста животна средина. Комуналните и другите проблеми во надлежност на локалната самоуправа да ни ги решава професионална и ефикасна администрација. Чекавме. И се откажавме. Барем дел од нас.

Памтам многу и памтам долго, и затоа со полно право можам да речам: во моментов, локалната власт во 80 Општини и Градот Скопје се наоѓа во рацете на најлошата гарнитура на градоначалници од независноста на државата!

На прстите од едната рака се бројат градските татковци кои во изминатите стотина дена покажале дека знаат што треба да прават. Дека ги разбрале проблемите и потребите на граѓаните. Дека ги познаваат законските надлежности на локалната самоуправа. Дека се издигнале над партизацијата на администрацијата. Дека им дале шанса на образованите и компетентните. Дека ги мобилизирале способните со цел создавање подобри услови за локалната заедница. Дека имаат визија за општината која ја водат.

Ништо од тоа!

Почнувајќи од скопската кметица која, да биде бесмисленоста уште поголема, ја избраа и за претседателка на ЗЕЛС, првите луѓе на општините останаа изгубени во просторот и времето. Заглавени во кадровски мешетарења, во вдомување партиски војници и лични пријатели, ја продолжија традицијата на практикување на вулгарниот популизам од времето на груевизмот.

Цвеќиња, споменици, годишнини, патронати, слави, светци, поздрави и честитки… Ете на тоа се сведе функционирањето на градоначалниците и начинот на кој се справуваат со решавање на приоритетните проблеми на граѓаните. За нивна среќа, благовремено ги согледаа негативните реакции на јавноста па се откажаа од глупавата идеја, во друштво на Мицко, да се сликаат пред проектите започнати или завршени од нивните претходници. Оти од неработењето, единствено полошо е работење во корист на сопствената штета.

Во ситуација кога се власт на центално ниво, а во најголемиот дел од општините се во позиција на опозиција, социјалдемократите ги започнаа внатрепартиските избори. Кои за нив се од судбинско значење. Можеби станува збор за субјективно мислење, но имајќи ги во предвид првите чекори од постапката, не сум сигурен дека оние најповиканите за тоа, најодговорните, ја разбрале сериозноста на процесот.

Она од коешто треба да се стартува при изборот на новите претседатели и раководства, е констатацијата дека партијата ја изгуби бланко поддршката од членовите и симпатизерите. Времето кога се гласаше за ѕвездата и розата, а не за името на кандидатот за некоја функција, заврши.

Изборните резултати од последните неколку циклуси покажуваат дека, полека но сигурно, партијата тоне. Централното партиско раководство има задача, прво, да ги детектира состојбите во општинските организации и, второ, да ги пронајде и назначи новите локални лидери. На кои, потоа, ќе им даде целосен легитимитет и доверба, а од нив ќе бара одговорност и резултати.

Ако централата остави општинските раководства сами да одлучуваат за имињата на новите челници, тогаш самата себе си направила мечкина услуга. Оти, старата пракса на предлагање кандидати, на лобирање за “својот“ кандидат и јавно дисквалификување на сите останати, без никаква дилема ќе продолжи и сега. А сето тоа е гаранција за нови поделби и се’ подлабоко тонење во живиот песок.

Повеќе е од јасно дека разместувањето на истите фигури на шаховската табла, нема да донесе ништо добро. Дел од нив треба да останат, дел да се заменат. Притоа, точно да се дефинира кој и зошто останува, а кој и заради што заминува.

Во спротивно, со забрзано темпо ќе продолжи надолниот тренд и веќе на следните избори, какви и да бидат, кога и да се случат, бројот на освоени гласови на локално ниво ќе се намали барем за една третина.

Внатрепартиските избори се последната шанса СДСМ да го врати нарушениот имиџ. „Орото“ мора да го водат интелектуалци, авторитетни личности кои знаат како се победува и кои интересот на партијата ќе го стават пред личните амбиции.

Во партиските структури има место за сите. Меѓутоа, треба да се знае „кој коси, а кој вода носи“. Се’ друго е итање кон маргинализирање на партијата и чекор поблиску до амбисот.

Прочитајте повеќе

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

Воспоставувањето на паралелни структури кои ја поткопуваат севкупната безбедност и стабилност на земјата се против …