Изборна битка во петка и шестка за две пратенички места

Изборна битка во петка и шестка за две пратенички места

Гласачите во седум избирачки места во две изборни единици ќе одлучуваат можеби и за преструктуирање на пратеничките сили во Собранието. Изборниот резултат од прегласувањето може да влијае врз конечниот број на пратенички места, за двајца пратеници.

Вкупно 4 513 граѓани во изборните единици пет и шест денеска ќе имаат право повторно да гласаат за пратеници, откако Државната изборна комисија одлучи да го поништи гласањето на 8 мај во седум избирачки места. Граѓаните ќе може да избираат меѓу 6 кандидатски листи во петката, додека во шестката ќе може да избираат свој претставник во Собранието од 4 кандидатски листи. Тие се предложени од четири коалиции и две партии кои самостојно настапуваат на изборите.

По прегласувањето во петката и шестката ДИК со посебен заклучок ќе ги објави конечните остварени резултати по кандидатски листи за Изборна единица број 5 и број 6, вкупниот број на доделени мандати по кандидатски листи и кандидатите кои дополнително ќе се стекнат со мандат за пратеник во Собранието на Република Северна Македонија.

Досега претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски ги соопшти имињата на пратениците кои со сигурност ќе влезат во Собранието, односно врз чии мандати нема да влијае прегласувањето.

Во петката решенијата за прегласување се однесуваат на избирачките места 1272 во Охрид, 1194 и 1202 во Крушево, 1844 во Струга и две во Долнени 1470 и 1470/1. Во овие шест избирачки места право на повторно гласање ќе имаат 3521 гласач според податоците од избирачкиот список. На 8 мај, на парламентарните избори во овие шест избирачки места, правото на глас го искористиле вкупно 2105 гласачи.

Во шестата изборна единица ќе се прегласува само во едно избирачко место, во Желино, село оддалечено 9 километри од Тетово. Во избирачкиот список во ова место се запишани 992 гласачи. На парламентарните избори својот глас го искористиле 48 проценти од запишаните гласачи, односно 479 луѓе од кои 9 беа неважечки ливчиња.

Според досегашните резултати во петката, коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 10 мандати, а во шестката 3 пратенички мандати.

Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ во петката освои 4 пратенички мандати, а во шестката се 9 пратеници. Од оваа коалиција постои ризик да се прелеат по еден пратеник од двете избирачки единици во другите коалиции.

Коалицијата „Европска иднина“ предводена од СДСМ освои 3 во петката и шесттата само еден пратеник.

Левица, Коалицијата Влен и Движењето Знам освоија по еден пратенички мандат во петтата изборна единица, додека во шесттата изборна единица Влен освои 7 пратенички мандати.

Постојат многу комбинаторики кој би можел да добие или да изгуби пратеник бидејќи некаде разликата е само стотина гласови. Поранешниот претседател на ДИК Александар Новаковски вели дека во примената на формулата за делење на мандати, на крај може разлика да направат и само неколку гласа.

„На пример во Желино, каде што има 992 избирачи запишани во списокот, шанса за промена на еден пратенички мандат е голема,“ објаснува тој.

Според пресметките на партиите, најмногу може да изгуби ДУИ, дури двајца пратеници, а СДСМ може да добие еден плус. Во некои варијанти и коалицијата предвоена од ВМРО-ДПМНЕ би можело да добие пратеник, до два, но тоа зависи од Донтовиот модел кој може да „пресече“ и за еден глас плус-минус, затоа што разликата во конечниот количник е не повеќе од 200 гласа.

На пратеничко столче плус во шестката се надева и коалицијата Влен.

За парламентарни избори, Северна Македонија е поделена на шест изборни единици и од секоја од нив во Собранието влегуваат по 20 пратеници, при што, според таканаречениот Донтов модел, се пресметува која партија колку пратенички места ќе добие. Повеќето од партиите и коалициите за овие избори имаат кандидатски листи во сите шест изборни единици.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

О’Брајан и Лајчак разговараа за ситуацијата на Западен Балкан

О’Брајан и Лајчак разговараа за ситуацијата на Западен Балкан

Помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан и специјалниот пратеник …