Излез или ќорсокак – што ќе одберат народните депутати?

Излез или ќорсокак – што ќе одберат народните депутати?

Пишува: Зоран Милошески

Одма да се разбереме: воопшто не ми се допаѓа можноста Крсто Мукоски и друштвото да останат неказнети за она што го сторија на 27 април. Не само заради мојата убеденост дека злосторничкото здружение свесно тргна да ја руши државата. Најмногу заради сите докази кои досега излегоа на виделина, а уште повеќе заради оние другите кои допрва ќе го здогледаат светлото на денот. Сите тие потврдуваат дека насилничкиот влез во највисокиот законодавен дом и обидот за убиство на неколкумина пратеници од актуелната владејачка коалиција, беше класичен акт на тероризам.

Уште повеќе ме иритира евентуалното ослободување од вина на нарачателот на акцијата, оној кој од Виена телефонски ги исцртувал координатите на злосторството. Секој негов нов ден поминат на слобода не е само пораз на правната држава, туку и пораз на институциите, на Шарената револуција, Студентскиот пленум, пораз на сите граѓани кои заминувањето на злосторникот од премиерскиот кабинет во затворската ќелија, го гледаа како прв и неизбежен чекор во одот на Македонија кон големото семејство на европските народи. Немам никаква дилема оти таму, во занданите, треба и мора да завршат сите кои имаат и најмала вина во 11 годишното душманско владеење на ВМРО-ДПМНЕ со државата и бездушното изживување со граѓаните.

Подадената рака на Заев кон опозицијата и сите 120 народни избраници, можете да ја наречете како сакате: амнестија, прошка, помирување… Кој како љуби и кому како одговара. За мене, апелот на премиерот значи давање последна шанса за излез од навестениот безизлез. Ако и ова пропадне, ако пратениците, секој од свои мотиви и побуди, го отфрлат предлогот и останат закопани во партиските ровови, ако не се издигнат над теснопартиските интереси и очајничките обиди за спас на злосторничкото здружение, тешко дека во догледно време ќе нѐ биде. Како народ, сигурно нема. Како држава – уште помалку.

Отворените пораки на Хан, Вес Мичел и останатите “тешкаши“ упатени на адреса на Мицкоски и опозицијата, дека ќе одговараат за тешките последици за граѓаните во случај да не го поддржат договорот, е кристално јасен сигнал дури и за политичките аналфабети. Кога е во прашање ставот на ВМРО-ДПМНЕ по однос на референдумското изјаснување и поддршката на уставните измени, сите релевантни политички фактори од Европа и САД, одамна го исфрлија од употреба дипломатскиот речник. Доколку Македонија сака влез во НАТО и почеток на преговорите за членство во ЕУ, доколку сака стабилност и безбедносна сигурност, начинот и патот да се стигне таму е само еден – 80 гласа “за“ на денешното собраниско изјаснување. Во спротивно, одиме на нови избори.

Она што со голема сигурност може да се каже, е дека евентуалните предвремени избори не би го разрешиле Гордиевиот јазол, туку само ќе значат губење време и пари и застој во економскиот развој, со можност истиот за скоро време целосно да исчезне. Она што не треба да го заборавиме, е дека веднаш после предвремените, не’ чекаат и претседателските избори. Што значи, заедно со референдумот, трет изборен циклус во период од само 6-7 месеци, нешто со што и многу помоќни држави од нашата тешко би се справиле.

Заради сето ова, но и заради многу други суштествени нешта, денешното двотретинско мнозинство е од историска важност за иднината на државата. Друг начин да се стигне до целта, нема. Колку се опозициските пратеници спремни и храбри да им се спротивстават на притисоците и потпишаните меници, ќе видиме денеска. Во сите претходни ситуации, тие исто како и останатите функционери на ДПМНЕ, не успеале да ги надминат притисоците и стравот од реваншизам и консеквенции од страна на моќните братучеди, туку секогаш понизно и покорно гласале сѐ што ќе им дошепнел Протоѓер. И затоа никој од нив не може да биде горд на себе, на (не)покажаниот интегритет и политичка зрелост.

Денешното гласање е поразлично од било кое досега. Оти пратениците не одлучуваат само по прашањето “ќе има избори или не“, туку решаваат стотици илјади човекови судбини. Од тие причини, вниманието на целата домашна, но и на меѓународната јавност, ќе биде насочено кон највисокиот законодавен дом.

Сите тие овој пат не треба да гласаат со емоции или срце, ами со разум. А разумот не е нешто со кое, како народ, можеме да се пофалиме. Ама сепак… Со оглед на важноста на моментот, останува до последно да се надеваме дека погледот на пратениците ќе биде насочен кон иднината, не кон минатото. Во спротивно, она што потоа ќе следи, судејќи според сѐ, ќе бидат години на тешко и опасно живење.

Надежта последна умира…

Прочитајте повеќе

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Откако Александар Николоски го обвини Венко Филипче дека ја злоупотребува професијата лекар, Филипче му порача …