Синоќа во малата сала на Завој и Музеј Битола, беше отворена изложбата „Конзулска Битола од првиот Австриски конзулат до Првата светска војна 1851-1919“, чии организатори се Амбасадата на Република Австрија во Република Македонија и Општина Битола.

Битола отсекогаш била европски град, кој го носел духот на гостопримството и широчината на визијата за мир, толеранција и просперитет. Така и сега, локалната самоуправа ја продолжува соработката со оваа земја, особено преку почесниот австриски конзулат и ги става на располагање своите ресурси во

насока на што поголема соработка на сите полиња, посочи градоначалничката Наташа Петровска во своето обраќање пред присутните, прогласувајќи ја изложбата за отворена.

„Оваа изложба е само потврда за тоа дека секој народ претставува значајна алка во колоритниот ѓердан на човештвото. Овој настан е само потврда за изградениот мост на пријателство помеѓу Република Австрија и Република Македонија уште од дамнина. Една од моите први работни средби беше со амбасадорката на Австрија, Ренате Коблер, кога беше договарањето за настапот на австрискиот квартет на почетокот на “Битфест“. Тоа беше само симболичка потврда дека тоа што се случувало во минатото, ќе продолжи и во иднина“, рече Петровска.

Автори на изложбата се почесниот конзул на Република Австрија во Битола Валентина Илиева и историчарите Мире Младеновски, Александар Велјановски, м-р Горан Талевски, Иљо Трајковски и Ѓорѓи Јуруков.На изложбата се обрати и конзулот Габриеле Јанезич, која ги потврди одличните односи на двете земји и заложбата што поскоро и Македонија да биде дел од европското семејство. За историскит аспект на изложбата говореше историчарот Александар Вељановски.

„Би сакале да изразиме голема благодарност и почит кон Амбасадата на Република Австрија и на Почесниот Конзулат на Австрија во Битола, кои со својата поддршка изминатите неколку месеци ни овозможија да истражуваме и преку оваа изложба да ги презентираме пред пошироката јавност, промените во нашиот град во периодот од прераснувањето на Битола во конзулски град во 1851 година по отворањето на првиот австриски конзулат, па се до најтешкиот период од животот на градот, последните две години од Првата светска војна, кои го запреа развојот на градот“, рече Вељановски.

Изложбата ќе биде поставена во текот на целата недела, а таа претставува вовед во денешниот меѓународниот научен симпозиум на тема „ПОЧЕТОЦИТЕ НА АВСТРИСКАТА ДИПЛОМАТИЈА  ВО МАКЕДОНИЈА  – СО ПОСЕБЕН ОСВРТ КОН  АВСТРО – УНГАРСКИОТ КОНЗУЛАТ ВО БИТОЛА/МОНАСТИР 1851-1919“ , кој се одржува во хотелот Молика.