Центарот за современа ликовна уметност (ЦСЛУ) – Прилеп, годинава слави 55 години од скулпторскиот симпозиум „Мермер“. По тој повод, синоќа во просториите на Центарот беа изложени дела од скулпторскиот симпозиум, како и слики од годинешната ликовна колонија, која е исто така во организација на ЦСЛУ.

Поздравувајќи ги присутните, градоначалникот Илија Јованоски рече дека во следните денови љубителите на уметноста од Прилеп ќе имаат можност да присуствуваат на една исклучителна изложба.

„Ги видовме прекрасните дела од изложбата, ги гледаме во градот мермерните скулптури кои што прават Прилеп да наликува на една галерија на отворено. Посакувам и во иднина Центарот за современа ликовна уметност да соработува со Општина Прилеп, од која што секогаш ќе ја има поддршката и му посакувам успех во понатамошната работа“, изјави градоначалникот Јованоски.

Заменик министерот за култура, Владимир Лазовски нагласи дека станува збор за голем јубилеј и дека им остава на уметниците да зборуваат преку своите дела.

„Центарот за современа ликовна уметност постои повеќе од 60 години и тоа е една од првите ликовни галерии во Република Македонија. Секогаш ќе ја има поддршката на Министерството за култура. Она што јас обично го кажувам е дека не сакам да давам изјави, туку оставам уметниците да го сторат тоа, а вечерва имаме најдобар пример. Ајде да видиме што уметниците оставиле во оваа ликовна галерија“, порача Лазовски.

Горан Ристески, раководителот на ЦСЛУ, потенцираше дека во изминатите 55 години од своето постоење, од скулпторскиот симпозиум „Мермер“ произлегле повеќе од 200 скулптури, од кои 115 се поставени во центарот на Прилеп.

„Дел од скулптурите се поставени во центарот на градот, а дел во разни институции во државата. Од годинешната 61 интернационална сликарска колонија и од скулпторскиот симпозиум, прилепската публика ќе може да види 30 дела“, нагласи Ристески.

Со оглед на староста на скулптурите, според зборовите на Ристески, може да се каже дека тие се добро сочувани и се наоѓаат во добра кондиција.