Денес во 20.00 часот во ликовната галерија од ЦК ,,Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворена изложбата на дела „Импресии“ од Валбона Атанасковска. Ќе бидат изложени вкупно 18 дела преку кои уметницата ги пренесува нејзините впечатоци од различни патувања.

„Иако графичар, Валбона Атанасковска се посветува на сликарството со чии средства најсоодветно го изразува својот темперамент и уметничка природа. Предмет на обработка и’ се пејзажот, портретот и актот што зборува за цврстата вкоренетост во сопственото опкружување. Нејзините пејзажи се изработени по сеќавање, но се полни со светлина и топол експресионистички сјај на бојата. Посебно внимание е дадено на контурната линија, како и на ритмичната поврзаност на целината. Во нив сепак преовладуваат живите колористички созвучја и експресивната модулација на широките обоени површини. Атанасковска не се подведува по модерните трендови, туку го следи својот инстинкт и ликовен резон. Нејзините дела го привлекуваат вниманието посебно со јасните форми, со боите од кои блика речиси детска радост и размена на енергија во два правци“, вели за нејзините дела Владимир Величковски, член на AICA.

Атанасковска по втор пат се претставува пред прилепските љубители на уметноста. Таа е дипломиран сликар од ФЛУ во Тирана, а во 1997 година завршила и ФЛУ во Скопје – отсек графика и дизајн. Член е на ДЛУМ, а досега реализирала изложби во повеќе градови во Македонија, Албанија и Германија.

Извор: МЕТА