Ѕидови покриени со мувла, оштетени скали и запуштени улици – токму вакви објекти криминални групи често изнајмуваат на лица пристигнати од Бугарија и Романија. На тој начин се злоупотребува германскиот социјален систем, бидејќи се наплаќаат високи кирии, од кои значителен дел се покрива со социјални бенефиции, пишува германската јавна телевизија АРД во репортажа од градот Хаген во Рурската област.
Според податоците, во градот со околу 200.000 жители живеат околу 7.000 граѓани од Бугарија и Романија, од кои повеќе од половината користат социјална помош, вклучително и за покривање на трошоци за сместување. Ова ја чини локалната самоуправа меѓу 10 и 15 милиони евра годишно. Градоначалникот Денис Ребајн оценува дека ваквата состојба создава чувство на неправда кај населението: „Луѓето се прашуваат зошто некои добиваат поддршка, додека за други важни потреби нема средства.“
Општините бараат единствени правила
АРД посочува дека граѓаните на ЕУ можат да стекнат право на социјална помош дури и со минимален ангажман од неколку работни часа неделно. Иако институциите имаат можност да го одземат правото на престој и работа, а со тоа и на социјални бенефиции, во Хаген тоа во текот на минатата година се случило само трипати.
Во Гелзенкирхен, пак, биле одбиени барања за социјална помош на 500 лица од Бугарија и Романија, што претставува секој десетти апликант. Тамошните власти бараат работниците од ЕУ сами да обезбедуваат најмалку една третина од својата егзистенција и спроведуваат построги контроли.

Општини како Хаген сакаат да го применат овој модел, но инсистираат државата да воведе унифицирани правила за да се спречи злоупотребата на социјалните системи.
Гелзенкирхен како пример за ограничувања
Според АРД, во Дуизбург живеат околу 26.000 граѓани од Бугарија и Романија, од кои 11.000 добиваат помош од Бирото за вработување. Слична е ситуацијата и во Хаген, каде дел од локалното население смета дека со „мини-џоб“ и повеќе деца, дополнителна работа не е неопходна бидејќи социјалните служби го покриваат поголемиот дел од трошоците.
Гелзенкирхен веќе се посочува како пример поради воведените рестриктивни мерки. Во одредени случаи, од лицата кои не можат да докажат реален работен ангажман и се потпираат само на минимална работа се бара да ја напуштат земјата.
Градот со години е привлечна дестинација за лица со пониско образование и ограничени можности на пазарот на труд. Ниските кирии во запуштените објекти, кои понекогаш се вештачки зголемени за да се покријат од социјалниот систем, претставуваат дополнителен мотив.
Уште пред 11 години во Гелзенкирхен е формирана специјална работна група составена од претставници на службите за вработување, полицијата, царината, станбениот надзор и службите за странци. Нејзината задача е да утврди кои лица навистина работат и кои само формално пријавуваат вработување.
Се покажало дека дел од мигрантите пријавуваат работа, но во практика не работат или работат минимално. Поради тоа е воведен условот секој корисник на социјална помош самостојно да обезбедува најмалку една третина од приходите.
Градоначалничката Андреа Хенце нагласува дека сите кои сакаат да се интегрираат се добредојдени, но додава дека ќе се преземаат мерки против злоупотребите: „Ќе се бориме против секој што сака да го злоупотреби системот. Често зад тоа стојат организирани структури“, наведува АРД.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место