Измени на Закон за работни односи: Превоз за ноќна работа, поголема приправничка плата…

Пишува Весна Дамчевска

Скратување на рокот за објавување оглас за нови вработувања, поголема плата за приправниците, прецизирање на додатокот за исхрана во ноќна смена и на превозот за работниците што работат ноќе и прецизирање на деновите за годишен одмор, се дел од измените на Законот за работни односи кои се најдоа на дневен ред пред пратениците.

Во законските измени се најде забелешката на Светска банка според која обврската за објавување на оглас за вработување со времетраење од најмалку 5 дена е со долг рок, па тој се скратува на 3 дена.

Со изменетиот закон, приправниците може да очекуваат поголеми плати. Сегашното законско решение пропишува плата не помала од 40 проценти од основната на работното место за кое се оспособува приправник, додека со измените, платата не може да биде помала од 70 проценти од основата. Се намалува и периодот на пробна работа од 6 на 4 месеци.

Попрецизно е уредена и материјата во врска со работата ноќе. Така, покрај одредбата дека работодавачот треба да им обезбеди храна на работниците што работат ноќе, додадено е дека ако тоа не го може, тогаш треба да им надомести трошоци за исхрана во висина од 20 проценти од просечната нето плата по работник исплатена во Република Македонија во претходната година, сразмерно за деновите кога работникот работи ноќе. Додаден е и нов член според кој „доколку нема јавен превоз, работодавачот, не смее да го распореди на ноќна работа работникот на кој нема да му обезбеди услови за превоз до и од работа“.

Непрекинати две недели одмор

Околу годишниот одмор досегашното законско решение беше контрадикторно, односно еднаш пишуваше дека во тековната година одеднаш мора да се искористат најмалку 12 дена, а еднаш две недели. Со новото законско решение тоа е јасно.

„Работодавачот е должен на работникот да му обезбеди искористување на две непрекинати недели годишен одмор до крајот на тековната календарска година, а остатокот до 30 јуни идната година“, пишува во измените.

Потешко со отказите

Во законот има и дополнување со нови членови. Така, „ако работодавачот го откаже договорот за вработување поради деловни причини, не може на истите работи, со иста стручна подготовка и занимање да вработи друг работник, во рок од две години од денот на престанокот на работниот однос“. Наведено е и дека ако пред истекот на овој рок се случи потреба за вршење на истите работи, предност за склучување на договор за вработување има работникот на кој претходно му престанал работниот однос.

Во случај на откажување на договорот за вработување од деловни причини, и досега работодавачот беше должен на работникот да му исплати испратнина и тоа за секои пет години по една плата, при што за над 25, највисоката испратнина беше 6 плати. Сега, таа е седум плати, а зголемување има и за другите вработени, зависно од работниот стаж.

Поголема заштита има и околу отказот, па со новото законско решение, работодавачот мора писмено да го извести работникот дека не е задоволен од неговата работа и да побара тој во рок од најмалку 15 дена да се подобри.

Како што е познато, Министерството за труд и социјална политика, како и синдикатите најавија целосно нов закон за работни односи, но како што неодамна изјави министерката Мила Цароска тоа е комплексен закон за кој е потребна широка расправа, а притоа ќе се користат словенечките искуства. Затоа, во меѓувреме се пристапи кон неопходните законски измени.

„Во текот на имплементацијата на Законот, се наметна потребата од доуредување на некои од одредбите со цел да истите да бидат недвосмислени, односно да бидат јасни во примената. Исто така, според коментарите на Комитетот на Советот на Европа, за примената на ратификуваните членови од Европската социјална повелба, одредени одредби од Законот, не се во согласност со Повелбата“, пишува во образложението на законските измени.

Објавено во Слободен печат

Прочитајте повеќе

полиција

Двајца приведени за убиството на лекарот во Железара

Две лица се приведени во врска со убиството на лекарот во скопската населба Железара, изјави …