Израелските сили со најобемни бомбардирања на Појасот Газа досега

Израелските сили со најобемни бомбардирања на Појасот Газа досега

Израелските сили утринава спроведоа жестока кампања на напади, со огромен број бомбардирања на Појасот Газа од почетокот на новите воени судири пред една седмица. Палестинските сили возвратија со ракетни напади врз населени места на југот на Израел, јави Би-би-си.

Израел порача дека гаѓал цели на милитантната палестински организација Хамас и домови на неколку нивни команданти, но нанесени се и штети нап атишта и на далноводи.

Во меѓувреме, се засилуваат повиците во светот за прекин на судирот во кој загинаа голем број цивили.

Советот за безбедност на ОН вчера одржа итен состанок, а Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш предупреди дека понатамошните борби „имаат потенцијал да создадат неодржлива безбедност и хуманитарна криза“. Тој повика на прекин на „крајно грозните“ насилства.

Судирите почнаа по неколкуседмични тензии меѓу Палестинците и Израел во окупираниот Источен Ерусалим, што ескалираше со судири кај џамијата Ал Акса. Хамас, којшто го контролира Појасот Газа, отпочна со ракетни напади по предупредувањата до израелските сили да се повлечат од локацијата.

Израелската војска соопшти дека повеќе од 50 борбени авиони извршиле 20 минутен напад на Појасот Газа пред разденување денеска и дека погодила 50 „терористички цели“ и уништила повеќе од 15 километри од подземен тунел што бил користен од Хамас. Според израелските воени сили, во нападот биле погодени и домовите на деветмина „високи“ команданти на Хамас.

Засега нема извештаи за жртви во Појасот Газа, но палестинските власти велат дека нема струја и се оштетени стотици објекти.

Без утринските жртви, во доегашните судири има 197 загинати на палестинска страна, вклучително и 58 деца и 34 жени, а 1.230 се повредени.

Од Израел нема најава за прекин на дејствијата, туку за продолжување на досегашната акција. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пораќа дека нападите ќе продолжат со „полна сила“ и „ќе траат“.

Силите на Хамас ракетираат цели во јужен Израел од ноќеска, посебно во градовите Бершеба и Ашкелон. Во изминатава седмица загинаа 10 Израелци, од кои две деца. Се смета дека Хамас досега врз Израел истрелал околу 3.000 ракети.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Трамп може да се кандидира и од затвор

Трамп може да се кандидира и од затвор

Ова никогаш не се случило во историјата на САД. Идниот кандидат и, можеби, претседател Доналд …