Извинете, може нешто да прашам?

Извинете, може нешто да прашам?

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

За да побара одредена услуга, секој од нас барем еднаш во животот се има “поклонето“ пред некој шалтер. Луѓето коишто работат на шалтерите треба да обезбедат услуга од доменот на работа на институцијата во која соодветниот шалтер се наоѓа, а која пак, е создадена токму поради потребата на граѓаните од постоење на една таква институција.

Поради неинформираноста на граѓаните за улогата на институциите, за услугите кои таа ги нуди, заради несоодветниот однос на шалтерскиот работник кон “странките“, граѓаните често се соочувале со непријатни искуства, кои со тек на време прераснале во општоприфатени и нормални. Како резултат на тоа се појавува и зацврстува поданичкото однесување на граѓаните кон институциите на Република Северна Македонија и недостоинственото однесување од институциите во политичкиот систем кон граѓаните.

А кој ги сочинува институциите во политичкиот систем? Граѓаните на Република Северна Македонија!

Се сеќавам на првите почетоци на приватните универзитети и болници, каде односот на вработените од болничките шалтери и студентски прашања беше “шокантен“ за граѓаните од сознанието дека можат да постават прашање и да добијат културен, достоинствен, брз и соодветен одговор! Дури и шалтерите почнаа да добиваат друг облик, односно се појавија такви на кои не треба “поклонување“, а со тоа и елиминирање на (не)свесното покажување зависност на “странката“ од шалтерскиот работник.

Со тек на време, најголемиот дел од услугите кон граѓаните се префрлија во локалните институции, но и тоа не влијаеше на подобрување на услугите кон граѓаните. Секојдневно можеме да слушаме различни изговори за причините поради кои не ја добиваме бараната услуга, но и коментари и совети што треба да направиме за да ја завршиме работата. И сето тоа во стилот„ако е расположена жената на шалтер ќе завршиш работа”, „девојче, јас сум раководител, јас не работам“, „однеси 100 грама кафе и една Кока-Кола за да оставиш впечаток”, „најди некој познат, инаку ти отиде денот“…

Ваквиот начин на третирање на граѓанските потреби од страна на институциите кои се создадени за да ги решаваат неговите потреби, го социјализираат граѓанинот да не биде граѓанин, туку поданик. Резултат на тоа се генерации кои поднаведнато, недостоинствено, уплашено и лицемерно ги третираат “авторитетите“ на било кое ниво. Ова предизвикува ширење на познатата спирала на молкот, каде човек многу ретко може да каже дека мисли поинаку, дека нешто треба да биде поинаку, бидејќи во тој случај ќе се соочи со осуда и отфрлање од опкружувањето. Заради сето тоа, граѓанинот не реагира, не се спротивставува на погрешното или воопшто не коментира дека некој го злоупотребил, со што самиот свесно станува соучесник.

Ако се обидам да поедноставам…

Оди човек на шалтер и поднаведнато и понизно до шалтерскиот работник се обраќа со зборовите „Извинете, може нешто да прашам?“, на што го добива одговорот „Почекајте!“. По половина час, човекот повторно се обраќа, но веќе е почната паузата. По еден месец, услугата за која вработениот на шалтер веќе зел плата, сè уште не е испорачана. По една година човекот избезумен моли, по две години веќе не знае каде да се обрати.

Ваквиот начин на функционирање на институциите, е само еден од многуте кои станале дел од нашата култура на однесување, а кој директно го поткопува достоинството на човекот. А, незнаењето да се бара одговорност, немањето пракса да се инсистира на одговорност, резултира со крајна безизлезност во многу животни ситуации кои за огромен број граѓани се од животно значење: вадење документација за куќа, нива, лек, здравствено и пензиско осигурување…

Причините за ова се бројни – партизираност, непрофесионалност, корупција, непотизам, неодговорност… а решението единствено се наоѓа во еманципација на граѓанинот преку едукација за реагирање и борба за своите основни права. Дека тогаш кога административецот му издава документ, тој не му завршува работа. Дека услугата која треба да ја добие на било кој шалтер, мора да е достоинствено исполнета. Дека и раководителите треба да работат.

Дека на вработениот во соодветната институција, работна обврска му е да ја заврши работата. Дека издавајќи ви документ, не ви завршил работа вам, туку ја извршил својата работна задача за која зема плата. Дека парите за неговата плата ги обезбедуваат даночните обврзници. Конечно, дека не смееме да сме соучесници во уништувањето на граѓанството!

Излезот од апатијата кај огромното мнозинство од населението се решава само со внатрешни реформи, кои ќе значат поефикасни институции. За тоа одговорни сме сите ние, а најмногу политичките партии кои не смеат веќе да прават фатални кадровски грешки. Навистина, доста беше!

Прочитајте повеќе

Парламентарни избори во Хрватска како вовед во „суперизборната година“

Парламентарни избори во Хрватска како вовед во „суперизборната година“

Во Хрватска денеска (17 април) се одржуваат редовни парламентарни избори на кои право на глас …