Јане Миланов е в.д градоначалник на Општина Штип

Со размена на пенкало и плакета, претпладнево во Општина Штип беше испратен досегашниот градоначалник Благој Бочварски, а промовиран новиот Јане Миланов кој функцијата в.д. градоначалник треба да ја врши до предвремените избори, што треба да се одржат на општинско ниво најдоцна за шест месеци од денеска.

Досегашниот претседател на Советот на Општина Штип, Јане Миланов пред една недела си даде оставка на оваа функција, за да ја презеде новата- градоначалничката.

Бочварски му подари пенкало на Миланов, за да може како што рече, „да потпишува важни одлуки во интерес на граѓаните“. Бочварски рече дека заминува во Министерство за транспорт и врски каде ја презема документацијата за изградба на брана на река Отиња, што е капитален проект за Општината Штип.

„Таму го пречекувам проектот за Брана на река Отиња, нешто што го сработив како градоначалник од оваа страна и денеска тој е во програмата на Министерството за транспорт и врски. Одлуката која треба да се донесе во наредниот период е распишување на јавна набавка за изградба на браната – најтешкиот, најкомлексниот и најгломазниот проект за Штип и нашите граѓани,“ изјави Бочварски.

Наследникот на Бочварски, Јане Миланов има половина година пред себе, до изборот на нов градоначалник, да ги продолжи започнатите проекти.

„Од позиција на заменик-градоначалник, она што мораме да го направиме е да обезбедиме заокружување на овие започнати крупни проекти. Тоа се затворенот базен, втората паркинг платформа на Отиња, уредување на земјиштето на Спортско-рекреативниот центар „Брегалница“, којшто интензивно се гради, нови трибини на градскиот стадион, итн., за што ни е потребна поддршката на министерот за транспорт и врски Бочварски,“ рече Миланов.

Новиот времен градоначалник е електроинжинер, професор во СОУ „Коле Нехтенин“, кој во Советот на Општината Штип е втор мандат.

Како ќе тече постапката понатаму со изборот на нов градоначалник, ќе зависи од епидемијата, одговори во саботата од Македониска Каменица, премиерот Зоран Заев.

„Верувам дека Владата заедно со Советот на Општината ќе изнајде решение кога е најдобро да се гласа за нов градоначалник, но пред сè во консултации со Министерството за здравство. Дали е најдобро да се оди на избори сега октомври-ноември или во февруари затоа што рокот в.д. градоначалник една општина може да има најмногу шест месеци, по што се оди на избори. Верувам заедно ќе ја утврдиме одлуката и после ќе се оди на избори,“ изјави Заев.

Покрај во Штип, предвремени локални избори треба да се одржат и во општината Пласница, чиј градоначалник стана пратеник.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Георгиева од ЗЛС

Георгиева од ЗЛС: Во мандатот на Филипче освен плата, приватните специјализанти добија и платени дежурства (ВИДЕО)

Пред 2018 година не постоеше никаков надоместок за приватните специјализанти, значи таа категорија на лекари …