Јане со порака од ОН: Ми пречат пречките во околината, а не мојата

Јане Велковски, 11-годишен застапник за правата на децата со попреченост од Македонија говореше на собирот во Генералното собрание на Обединетите нации „Триесет години од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето и одбележување на Светскиот ден на детето“ што се одржа вчера во седиштето на Обединетите нации.

На панел-дискусијата „Да не изоставиме ниедно дете: за секое дете, сите права“ тој рече дека е роден со спинална мускулна атрофија, и поради тоа се движи со количка која ја нарекува Формула.

„Но, моите родители од мал ме учеа дека можам да правам се што можат и другите, само на поинаков начин. Како што растев – тоа стана и мое правило – да правам се и да уживам во животот. Одам во училиште и имам многу другари. Учам, шетам, играм, но мојата најголема страст е фудбалот. Јас го засакав фудбалот од мал и играм фудбал секогаш кога можам. Тоа ми дава сила и енергија и ме прави среќен“, рече Јане.

Тој додаде дека фудбалот му помогнал да се бори за да добие терапија, го поврзал со многу славни личности и го направил голем борец за еднаквост во спортот.

„Јас верувам дека сите на светот можат да играат фудбал без разлика како играат. Битно е да се еднакви и да се почитуваат. Јас се сметам за еднаков со сите, така и се однесувам, и така треба сите да се однесуваме. Но не е лесно кога си во количка бидејќи има многу пречки на патот. Мене не ми пречи мојата пречка, туку ми пречат пречките од околината. Ме нервира кога сум спречен да одам негде ако нема рампа или ако нема превоз за мене и родителите мораат да ме носат. До сега бев мал па родителите ми помагаа и ги отстрануваа пречките за мене. Но сакам да пораснам во човек кој ќе биде независен. Децата како мене сигурно исто се чувствуваат и би сакал да им порачам- да бидат упорни и никогаш да не се откажуваат од својот сон. Треба да ги рушат бариерите каде што ги има, а да прават добри работи каде што ги нема. А на возрасните сакам да им порачам- треба да направите се за правата на децата, и отстранете ги сите бариери.  Да нема дискриминација!“, порача Јане.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Георгиева од ЗЛС

Георгиева од ЗЛС: Во мандатот на Филипче освен плата, приватните специјализанти добија и платени дежурства (ВИДЕО)

Пред 2018 година не постоеше никаков надоместок за приватните специјализанти, значи таа категорија на лекари …