Јанески: Поранешното раководство на „Водовод и канализација“ да објасни каде завршиле 5.000.000 денари за одржување на фонтаната пред „Комерцијална банка“

Раководството на ЈКП „Водовод и канализација“-Прилеп, во 2014 година склучило договор за одржување на градската фонтана кај „Комерцијална банка“, во висина од 5.000.000 денари, додека пак сегашниот раководен тим на претпријатието со 800.000 денари, успешно ги одржува трите фонтани во градот.

Тоа, на денешната пресконференција го потенцираше актуелниот директор на претпријатието, Емил Јанески, како одговор на прес на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, поврзан со одржувањето на фонтаните во градот.

„Вистина е дека јавното претпријатие во изминатата 2019 година има склучено договор за одржување на трите градски фонтани, во износ од околу 800.000 денари. Притоа, јавноста треба да знае дека и во минатиот период  во време на владеење на Марјан Ристески, градските фонтани континуирано ги одржуваше фирма избрана на тендер, од причини што ЈКП ‘Водовод и канализација’ нема капацитет само да ги одржува градските фонтани. Претпријатието е конструирано за основната негова дејност – водоснабдување, собирање, одведување и прочистување на урбани и отпадни води. Ако ги погледнете договорите, може веднаш да ви падне во очи еден договор од 2014 година со износ од 5.000.000 денари, и тоа само за одржување на оваа фонтана пред која денеска стоиме. Не треба да се биде посебно паметен или стручен, за да се воочи разликата помеѓу договорот кој што го имам склучено јас, во износ од 800.000 денари, а кој се однесува на одржување на трите градски фонтани: пред ‘Комерцијална банка’, фонтаната пред  ЦК ‘Марко Цепенков’ и кај споменикот ‘Карпалак’, споредбено со договорот од 2014 година во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Јанески.

Директорот Јанески напомена и тоа дека ЈКП „Водовод и канализација“ во последните неколку години е едно од најуспешните претпријатија во нашата држава и на Балканот, било тоа да станува збор за техничкиот напредок на претпријатијето, или за неговата финансиска кондиција.

Јанески посочи на фактот што граѓаните се сведоци дека токму во овие моменти „Водовод и канализација“ изведува градежни активности на повеќе од 10 локации во градот, како и водоводни и канализациони линии, кои што претставуваат капитални инвестиции, напомнувајќи дека во повеќе наврати ги повикува претставниците на ВМРО-ДПМНЕ на медиумско соочување.

„Во изминатиот период,  на неколку пати во интерес на вистината повикував на соочување со билo кој претставник од ВМРО-ДПМНЕ за дебата поврзана со работењето на ЈКП ‘Водовод и канализација’, во време на нивното владеење, и сега. Досега, ниту еден претставник од ВМРО-ДПМНЕ не смогна сили да се соочиме, иако 12 години континуирано беа на власт и имаат лепеза на кадри кои што учествувале во раководењето на претпријатијето, без оглед дали биле во дирекцијата, управниот или надзорниот одбор. Повторно ја користам оваа прилика, да упатам уште еден апел и до претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески и до поранешниот градоначалник, Марјан Ристески, за да ги соочиме аргументите. Да дебатираме на теми поврзани со работењето на ЈКП ‘Водовод и канализација’, со пречистителната станица за која што милуваат да зборуваат, или за се’ што тој има направено во неговото 12 годишно владеење, и тоа да го споредиме со се’ она што има направено оваа локална власт, за овие двеипол години откако Илија Јованоски е градоначалник на општината“, нагласи Јанески.

Прочитајте повеќе

Филипче се сретна со млади лекари и специјализанти во Струмица

Филипче се сретна со млади лекари и специјализанти во Струмица

Носителот на листата за пратеници на СДСМ и коалицијата во Изборна единица 4, Венко Филипче …