Јас сум Македонец - ниеден Договор и ниеден референдум нема да го смени тој факт!

Јас сум Македонец – ниеден Договор и ниеден референдум нема да го смени тој факт!

Пишува: Зоран Милошески

Не ми се допаѓа тоа што, многу веројатно, мојата татковина ќе се вика Република Северна Македонија. Всушност, освен Република Македонија, не ми се допаѓа ниту едно друго име на земјата во која сум роден, во која го живеам и во која ќе го завршам мојот работен и животен век.

И не само мене. Ова е мислењето на огромното мнозинство на граѓани на нашата држава. Оттаму, никој не е премногу среќен заради извесната промена на името. Меѓутоа, постојат работи кои ме прават помалку среќен, кои ми се допаѓаат многу помалку отколку новото име на државата.

Две и пол децении чекаме домашните политички лидери да го решат проблемот кој Грција го има со уставното име на нашата држава. Се менуваа влади, парламентарни мнозинства, претседатели на државата. Освен гола реторика, алиби преговори и највулгарна манипулација со чувствата на граѓаните, не видовме никакво суштинско поместување од мртвата точка. Тоа помалку ми се допаѓа отколку промената на името на државата.

Помалку ми се допаѓа, затоа што целата таа политичка “елита“, за чие доаѓање на власт ние, обичните простосмртници, спротивставени во два политички табора како две завојувани племиња, очи сме си ваделе едни со други, бранејќи ги ставовите на нашите “поглавици“. Кои, често, ниту сме ги разбирале, ниту оправдувале. Ама во нашите “султан партии“, во кои зборот на лидерот вреди повеќе отколку нашиот личен интегритет, тоа не било важно. Впрочем, надалеку е познато дека за туѓите интереси, ние Македонците, секогаш сме биле спремни и да загинеме. И сите тие лидери, со чест на ретките исклучоци, ниту мака виделе, ниту мува ги лазела заради тапкањето во место. Оти ним тркалото им вртело, бизнисите им терале, банкарските конта им дебелееле. И сето тоа ме прави многу помалку среќен, отколку претстојниот референдум.

Уште помалку ми се допаѓа сознанието стекнато од прислушуваните телефонски разговори, дека денешните “бранители“ на името, челниците на “најпатриотската“ партија, од грчките плажи како на пазар се договарале кое име за државата да го прифатат, а сепак да не претрпат лична политичка штета. Со едната рака го вееја знамето со сонцето од Кутлеш, со другата ги празнеа нашите џебови. И додека нивните деца возат “чудовишта“ на четири тркала вредни стотици илјади евра, кафето го пијат во Париз а за пица “скокнуваат“ до Рим, во милата им татковина нивни врсници умираа чекајќи ред за лекување во странство. Тоа, мене и илјадници други граѓани на Македонија, нѐ прави несреќни, тажни и гневни.

Фрустрирачки и поразително по сфаќањата на чесните и трудољубиви граѓани, делува ненаситното око на дел од политичарите од власта чиј имот се мери во милиони евра, да искористат уште 30, 50, 150…илјади евра неповратни државни средства и да ги пренасочат во своите бизниси. Тоа што таквиот чин не е незаконски, не значи и дека е дозволен. Оти етиката, моралот и честа, на скалата на вреднување на чоештилакот, повисоко котираат од сите закони во државата.

Во меѓувреме, заради погоре споменатите причини, заради сиромаштијата, корупцијата и “пливањето“ од безнадежноста до очајот, државата се празни. Заминуваат младите, сѐ почесто и повозрасните. Заминуваат оти овде богатите стануваат уште побогати, сиромашните уште посиромашни. Заминуваат оти како и сиот нормален свет, ни тие не сакаат да јадат корени. Заминуваат оти со бедната плата на рамниште на социјална помош, не можат да ги прехранат семејствата, не можат да ги школуваат своите деца, не можат да ги имаат основните придобивки кои ги нуди секое нормално и демократско општество.

И може утре референдумот да не успее, да дојде до промена на распоредот на политичките сили во државата. Во догледно време, може некоја идна власт да излезе со нов предлог за ново референдумско изјаснување за името на државата. Може таа власт да се вика како сака, може нејзиниот предлог уште повеќе да ги разбранува чувствата на граѓаните. Ама, сѐ едно. И тогаш, исто како и сега, ќе излезам на референдумот и ќе го поддржам референдумското прашање. Ќе гласам “ЗА“, во интерес на подобрата и посреќна иднина на генерациите кои доаѓаат. Во интерес на достоинствен живот на моите деца. Кои исто како и нивниот татко, како и таткото на нивниот татко, се Македонци и го зборуваат македонскиот јазик. Ниту еден Договор, ниту еден референдум, тоа нема да го промени. Така било, така е и секогаш така ќе остани!

Прочитајте повеќе

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Откако Александар Николоски го обвини Венко Филипче дека ја злоупотребува професијата лекар, Филипче му порача …