Јавна расправа: Извештај за стратегиска оцена на животната средина и План за управување со заштитеното подрачје Маркови Кули

Во организација на ЈНУ Институт за старословенска култура и Министерството за животна средина и просторно планирање, денеска во собраниската сала на Општина Прилеп се одржаа две јавни расправи – првата за Извештајот за стратегиска оцена на животната средина и втората за Планот за управување со споменикот на природата „Маркови Кули – Прилеп“.

Како што објасни Бранислав  Ристески, директор на Институтот за старословенска култура, уште во 2006 година локалитетот „Маркови кули“  со закон е прогласен за споменик на природата, а субјект кој управува со споменикот „Маркови Кули“ е Институтот за старословенска култура. Во таа насока, локалитетот  „Маркови кули“ ќе добие своевиден документ на валоризирани вредности, кој предвидува никој да не може без согласност на Институт за старословенска култура – Прилеп да презема какви било активности на комплексот со површина од 4.000 хектари.

„Во согласност со законските одредби во сегментот на заштита на природата, субјектот кој управува има обрска да донесе план за управување. Од насловот е јасно дека станува збор за  сегментот на активно управување на едно заштитено подрачје, што подразбира заштита на автентичните форми, нивна промоција и нивно ставање во функција. Сите овие сегменти ги регулира планот како една законска рамка. Постапката за донесување на планот подразбира и организирање на јавна расправа, во која што корисниците на тој простор би дале свои забелешки на овој стратешки документ. Од тој аспект, ние денес заедно со Министерството за животна средина како надлежно за овој сегмент на природни вредности, ја организираме оваа јавна расправа. Ќе дадеме можност во наредните 10 дена сите корисници на овој простор да дадат свои аргументирани забелешки, кои би биле вградени во нацрт верзијата на планот за управување“, изјави Бранислав Ристески, директор на Институтот за старословенска култура.

По јавната расправа, планот за управување ќе биде доставен до Министерството за животна средина и просторно планирање, кое треба да ја одобри финалната верзија на овој документ  за натамошно усвојување од страна на Научниот совет при Институтот за страословенска култура. Како што потенцираше Ристески, планот за управување станува законска рамка за управување со заштитеното подрачје во наредните 10 години.

Извештајот за за стратегиска оцена за планот за управување со споменикот на природата „Маркови кули“ го изработи компанијата за еколошки консалтинг „Декон сема“.

„Самиот извештај прави анализа, односно ги споредува компактибилностите на националните, регионалните и локалните стратегии и плански документи со стратегиите односно целите и предвидените активности на планот за управување со споменикот на култура Маркови кули. Исто така, во извештајот се анализирани и влијанијата кои што би се јавиле врз животната средина, со имплементација на содржините од планот за управување. Предвидени се мерки за намалување на самите влијанија и предвиден е мониторинг кој што се однесува и со кој што ќе можат да се следат состојбите на животната средина од реализацијата на активностите кои што се предвидени во самиот план“, истакна Трајче Митев од компанијата за еколошки консалтинг „Декон сема“ од Скопје.

Вредностите што се констатирани и валоризирани на Маркови Кули треба да се зачуваат во автентична форма. Не помалку е важно овие вредности да се стават во функција на културна и туристичка експлоатација. Заштитеното подрачје на Маркови кули, освен површината од околу 4.000 хектари, опфаќа и намалку 9 културни споменици.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …