Изградба и адаптација на јавни тоалети во 24 општини во Македонија – проект на Владата на Никола Груевски!

Не се работи за никаква шега, туку за вистински проект чија реализација заврши пред 6 години. Дека екс премиерот бил крајно сериозен кога го планирал проектот, сведочи тоа што истиот најде место и во отчетот на Владата во не така далечната 2011 година. Еден од „среќниците“ да добие јавни тоалети беше и Прилеп. Како изгледаат и во каква состојба се наоѓаат тие денес?

Од причина што се сместени во градскиот пазар и што освен пазарџиите ретко кој знае за нивното постење, тешко може да се каже дека станува збор за јавни тоалети. Од друга страна пак, со оглед на нивниот изглед и функционалност, уште помалку можат да се наречат тоалети. Сликата во нивната внатрешност воопшто не е пријатна за гледање: казанчиња кои не функционираат, чучавци наместо вц шолји, импровизирани чешми и лавабоа без сифони од кои водата тече во канти.

Тоа што со комбинација на кирилично-латинични букви на вратите е напишано „дообјаснување“ за начинот на употреба на санитариите и за полесно разликување на „машки“ од „женцки“ вц, не го подобрува генералниот впечаток за она што треба да претставува „јавен тоалет“. Еден од сопствениците на тезгите кои се наоѓаат непосредно до тоалетите се пожали дека од нив многу често се шири непријатна миризба, заради што купувачите избегнувале да пазарат од кај него. Ништо подобро не можеа да кажат ниту неговите колеги од соседните тезги, кои со негодување одбиваа да разговараат на таа тема.

Колку пари чинеше нивната изградба, како и информацијата на каков начин и под кои услови тоалетите му се дадени на стопанисување на приватен концесионер, не успеавме да дознаеме.

Зоран Милошески

Извор: СЛОБОДНА