Ирена Станкоска, в.д директорка на ЈКП „Комуналец“, денеска го презентираше отчетот за реализираните проекти на јавното претпријатие во текот на 2019 година.

„Како јавно комунално претпријатие, покриваме повеќе дејности кои се организирани во различни сектори. Основна и најважна дејност е собирање, транспортирање и депонирање на отпадот, одржување на јавна хигиена која е организирана преку секторот ‘Паркови и зеленило’ кој што ги опфаќа чистотата на улиците, одржување на парковите, а исто така и чистење на речното корито. Третата дејност која што ја покриваме, се услугите во погребалниот дел и одржување на старите и новите гробишта. Во изминатиот период од мојот мандат, најголем акцент имам посветено на чистењето на градот, пред се’ на чистење на дивите депонии околу основните и средните училишта и градинките. Започнавме со ООУ ‘Гоце Делчев’, потоа продолживме со чистење на просторот околу градинката ‘Гоце Делчев’, просторот околу ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“ и ООУ „Блаже Конески“. Особено сакам да го истакнам чистење на депонијата позади старата Виша школа и се надевам дека овој простор во иднина ќе прерасне во едно современо спортско –рекреативно катче за најмладите. Исчистен е Дабнички канал, на потегот од вливот во Градската река до мостот кај касарната и поставена е преливна рампа за собирање на отпадоци“, истакна Станкоска.

Таа посочи дека, со цел да се овозможи најбезбедно и најекономично собирање и транспортирање на комуналниот и другиот неопасен отпад на територијата на општина Прилеп, од местото на неговото создавање до местото на неговото отстранување, воспоставена е организациона интегрирана шема за собирање, транспортирање и депонирање на комуналниот отпад и другите видови на неопасен отпад. Станкоска рече дека континуирано се вложува и во опрема, како и во медицинските потреби во стационарот за кучиња скитници.

„Нема да имаме толеранција на отпадот, ќе чистиме секаде. Ги замолувам и граѓаните да покажат поголема свест, а надлежните органи да постапуваат согласно своите надлежности. Заложбите кои ги имаме во овој дел се поклопуваат со заложбите на градоначалникот Јованоски, што значи имаме намера за наредната година да обезбедиме 4 нови возила во вредност од 300.000 евра. Знаеме дека возниот парк на ЈКП ‘Комуналец’ е пред распаѓање, затоа оваа година набавивме едно ново возило преку проектот  БИОРЕАЛ, односно специјално возило од марката ИВЕКО од 7м3, за потребите на одделенито за селекција на отпад. За наредната година планирано е да добиеме уште едно возило од проектот за вештачкото езеро, со цел да можеме да ја реализираме нашата активност ‘Нулта толеранција на отпад’. Ќе набавиме и цистерна за миење на улиците, а исто така за потребите на секторот за ‘Собирање и депонирање’ на отпад ќе се набават нови две возила“, истакна Станкоска.

Во месец октомври, „Комуналец“ набави два нови трактора во вредност од 21.000 евра, за подигање на отпад од јавно прометните површини и подигање на габаритен отпад од домаќинствата. Изградено е детско игралиште во паркот на Могилата кој содржи детски реквизити, нови клупи и корпи за отпадоци, песочни базени за најмладите. Детското игралиште е изградено во соработка со Пакомак и донирано на град Прилеп. Во тек е изградба на парк со спортско рекреативни терени во Ерековци. Теренот за мал фудбал ќе биде тревнат, во склоп на паркот ќе има и игралиштете за одбојка. Паркот ќе опфати детски реквизити за забава и урбана опрема.

Исто така, јавното претпријатие за прв пат инвестира во спроведување на технолошка вода на старите градски гробишта. Оспособен е бунарот и набавена и поставена е нова пумпна станица, неколку чешми за потребите на граѓаните, инвестиција вредна 130.000 ден. Инвестирано е и во поставување на технолошка вода на новите градски гробишта, поставување на пумпна станица на бунарот за технолошка вода, а направен е ископ за линија и поставување на чешми на питка вода.

Оспособени се 9  бунари за технолошка вода, воведени се нови шахти и линии и поставени се нови пумпни станици, со што за полевање на  парковите овозможени се  доволни количини на технолошка вода. Ископана е и поставена  линија за технолошка вода во парковските површини, станбен блок Ѓогдере, со што е овозможено овие парковски површини да се полеваат. Планирано е на овие парковски површини да се изврши рамнење, каде што е потребно засејување на нова трева, изведба на бекатон патеки и  поставување на  урбана опрема.

Како што потенцираше в.д. директорката на ЈКП „Комуналец“, набавени се 1.200 корпи за селекција на отпад со вредност од 1.062.000 ден. Кантите се распределуваат во градот, но опфатени се и неколку населени места во кои досега се подигало отпад, а не се наплаќало. Комуналец работи на активно вклучување на населението од руралните средини во процесот на селекција на отпад. Инвестирано е во набавка на контејнери за мешан отпад. Набавени се 20 контејнери со вредност од 283.200 денари и 5 контејнери од по 5м3 за правилно третирање на градежниот шут, со финасика вредност од 153.400 ден.

Во соработка со локалната самоуправа, поставени се нови клупи и корпи за отпадоци во централното градско подрачје и во Паркот на револуцијата. Поставен е нов мост на езерото во паркот кај судот, обновени се клупите и извршено е комплетно хортикултурно уредување на овој парк.

„Со пролетната акција, засадени се 400 садници зимзелени растенија од сортата Туја. Опфатени беа центарот на градот, Могилата, паркот кај судот, Точила, новите гробишта и други локации. Вршиме редовно одржување на дрворедите и дрвјата во градот и водиме грижа да се продолжи нивниот век на траење. Комуналец врши услуга на 20.871 домаќинство, 724 правни субјекти,  698 услужни дејности и дуќани и 32 училишта и верски објекти“, посочи Станкоска.