На 19 годишнината од најтрагичниот настан од поновата историја на Прилеп, загинувањето на десеттемина прилепски припадници на резервниот армиски состав кај месноста Карпалак на 8 август 2001 година, Градот Херој со највисоки почести се поклони пред ликот и делото на своите загинати бранители.
Во нивна чест, пред спомен обележјето „Карпалак“ во центарот на градот Прилеп, свежо цвеќе положија делегации од кабинетот на Претседателот на државата, Владата на Република Северна Македонија, Општина Прилеп, како и семејствата на загинатите бранители, Сојузот на борци, бранителите, претставници на политички партии, граѓани.
Во своето обраќање пред присутните, градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, рече:
„И денеска, 19 години од денот кога општина Прилеп загуби десетмина свои граѓани, со истата болка стоиме овде, пред паметникот „Карпалак“, подигнат во нивна чест.
Десеттемина припадници на резервниот армиски состав, ги вградија своите животи во зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет на нашата држава.
Затоа, имињата на Горан Миноски, Сашо Китаноски, Веби Рушидоски, Бранко Секулоски, Љубе Грујоски, Нане Наумоски, Ердован Шабаноски, Марко Деспотоски, Пеце Секулоски и Дарко Велјаноски, вечно ќе останат во колективната меморија на нашите сограѓани, но и на сите останати кои си ја сакаат татковината.
Денеска повторно сме овде и за да ја споделиме нашата болка со семејствата на десеттемина бранители, иако сме целосно свесни дека не постојат зборови на утеха кои ќе ја исполнат празнината во нивните срца. Бидејќи, не постои поголема загуба и болка, од загубата на најблискиот.
Тој 8-ми август 2001 година, 10 прилепски семејства изгубија синови, браќа, татковци, сопрузи. Поклонувајќи се пред нивната саможртва, наша должност, и како политичари но и како одговорни граѓани, е да направиме се’, никогаш повеќе да не се повтори злото од 2001 година, да не дозволиме да се вратат сеништата од минатото.
Со полноправното членство во НАТО, направен е огромен чекор напред во обезбедувањето сигурни и безбедни граници, како и внатрешна стабилност на државата. Но НАТО не е само гарант на мирот, туку и можност за економски развој и повисок стандард на граѓаните, што пак ќе биде главна придобивка после почетокот на преговорите со Европската унија.
Истовремено, целиот свет е соочен во битката со невидливиот и подмолен непријател, пандемијата на Ковид-19, која не не’ одмина ниту нас.
Само обединети, со почитување на препораките на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, убеден сум дека ќе го надминеме и овој предизвик и дека од целата ситуација ќе излеземе уште посилни.
Победата над пандемијата, исто како и одржувањето на мирот и безбедноста и обезбедувањето услови за пристоен живот, им го должиме и на оние кои во скорешното и дамнешното минато ги положиле своите животи на браникот на татковината, но и на генерациите кои доаѓаат.
Нека им се вечни споменот и славата на хероите!“.
Во рамки на чествувањето, традиционално беше посетено местото на трагичниот настан кај Карпалак, каде беа положени свежи цвеќиња на спомен плочата подигната во чест на загинатите прилепчани.
Изутрината, делегација предводена од градоначалникот Јованоски, положи свежи цвеќиња на вечните почивалишта на загинатите бранители.